Според аналитичарот Благојче Атанасоски, со самото тоа што ДУИ се уште е проектирана како политичка „баба рога“, не само за власта, туку и за македонскиот политички простор, не може да биде партиципиент во владата.
-Повеќе може да предизвикаат политички реакции во т.н албански политички блок, што ќе се рефлектира на идните локални избори и изборниот резултат во средините со доминантно албанско население, посочува соговорникот.
Следствено на тоа, доколку има предвремени парламентарни избори, Атанасоски смета дека ќе биде одлука на изборот на власта за да спречи поголем одлив на гласови, не поради евентуално излегување на Таравари од власта.
-Така што таа одлука, дали министерот за здравство ќе продолжи да биде дел од владејачката гарнитура или ќе оди во опозиција, не е фактор Х кој ќе детектира дали ќе се случат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните, тврди политичкиот аналитичар.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека најверојатно денеска ќе има средба со Арбен Таравари за неговото натамошно функционирање во Владата и евентуалната соработка со ДУИ на локални избори.
За него, како што напомена, е неприфатливо ако Таравари се договара со ДУИ.
– Таква средба ќе има следната недела, мислам дека е утре. Треба да го погледнам распоредот, но мислам дека е утре. На средбата јасно сакам да слушнам став дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини, да не ги шпекулирам имињата, каде што тој ќе извади кандидати, ДУИ нема да има свои кандидати за градоначалници што прво значи себепонижување, како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев.
Тој и Таравари, дополни, како колеги во Владата имаат секојдневна комуникација.
Мицкоски информира и дека во втората половина од месецов пред Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со имињата на кандидати за градоначалници за локалните избори што треба да се одржат во октомври.
Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука, неговите коалициски партнери во ВРЕДИ одлучија Коалицијата да стане партија, но без Алијанса, а Таравари го обвинија за контакти со опозициската ДУИ.
Министерот Таравари кој е и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците потврди дека денеска попладне ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Во изјава за медумите дадена во Тетово, Таравари рече дека остануваат на одлуката донесена на Претседателството на партијата да одат со посебни советнички листи на претстојните локални избори, но дека ќе го слушне и ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.
– Тоа што ние сме го поминале на Претседателство дека Алијанса за Албанците ќе има посебни советнички листи и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде излегуваме. Така што ќе го слушнеме и премиерот и потоа ќе процениме како продолжуваме понатаму, изјави Таравари.