Со фалсификувани патни исправи, преправени во одбојкарски тим, со исти тренерки и ранци, на атинскиот аеродром биле уапсени девет странски државјани кои сакале нелегално да ја напуштат Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека по направената контрола, било констатирано дека лицата не се членови на спортска екипа, а целта била нелегално да патуваат во друга европска земја.

Според грчките медиуми, уапсените се сириски државјани, имале фалсификувани романски патни исправи и од Атина, авионски и нелегално, сакале да стигнат до Виена.

Во минатото во Грција беа откриени најмалку два вакви случаи кога бегалци или мигранти, преправени во спортски тим сакале нелегално да ја напуштат земјата.