Хоспитализирани, но без да имаат здравствени проблеми, 40 деца, со одлука и наредба на јавен обвинител, се сместени во атинска детска болница, затоа што немаат каде да живеат или се бегалци или родителите ги напуштиле, јави МИА од Атина.
Голем дел од децата долго време се во болницата, растат таму, а како што соопшти Грчката федерација на вработени во државните болници, кои за конкретната тема денеска одржаа протест, повеќето се агресивни, се здружуваат во групи, се наоѓаат на работ на деликвенција и се опасни за децата што се лекуваат.
– Овие дечиња кои се во нашата болница, 40 на број во овој момент, се деца на возраст од неколку дена до 16 години. Тоа се деца кои се тука за превентивна контрола по наредба на обвинител или се деца без придружба. Остануваат многу долг временски период, можеби шест месеци, нешто што очигледно и за нив нема придобивки, бидејќи станува збор за болница. Децата немаат како да го поминат времето, немаат конкретна програма, многу од нив дури и немаат пристап до образование, развиваат агресивност и деликвентни постапки. Потребна им е соодветна грижа, вели за радиото „Атина 984“, Софија Зори, специјалист во педијатриската клиника на болницата.
Вработените во болницата велат дека станува збор за огромен и долгогодишен проблем и предлагаат напуштените деца да се сместат во центри за грижа, а „одлуките на обвинителите да се упатуваат кон конкретните центри, а не до детските болници“.
Според Грчката федерација на вработени во државните болници, проблемот и натаму е без решение поради недостигот на доволен капацитет во центрите за згрижување, но и поради немањето персонал и неможност да се обезбедат пристојни услови за живот.