Со свечено отворање и претставување на осумте репрезентации учеснички на натпреварите во третата европска група, во присусво на надлежниот грчки министер за спорт, Лефтерис Авгенакис, одговорниот за спорт од опозициската СИРИЗА, Јанис Бурнус и претседателот на Тениската федерација на Грција, Спирос Зањас утрово во Атина започна Дејвис купот.
Веднаш по отворањето на терените на тенискиот клуб “Татои” во близина на грчката престолнина, следеа и првите дуели за тенисерите. Македонија, на вчерашната ждрепка беше извлечена во Групата Б заедно со Естонија, Латвија и Црна Гора.
Првите натпревар во текот на денешниот ден тенисерите од нашата репрезентација ги играат со Естонија, најсилната репрезентација во групата, која беше и носител на групата.
Во првиот натпревар, Димитар Грабул загуби со 2-0 (6-2 и 6-4) од естонскиот тенисер Кенет Рајсма, а во продолжение следи мечот на Горазд Србљак, а потоа и натпреварот во двојки, јави дописничката на МИА од Атина.
Утре Македонија ќе игра со Латвија, а во петок против Црна гора.
Дејвис Купот за третата европска група од денес до сабота, 14 септември се одржува во Атина, тенисерите играат на земјена подлога, а осумте репрезентации се поделени во две групи.