П.С. Жалиме за фактот што беа уништени две неповрзани возила што беа до луксузните што ги запаливме. Во никој случај тоа не беше нашата намера и не сме рамнодушни за тоа. Би ги замолиле сопствениците на нелуксузни возила да избегнуваат да ги паркираат до луксузни возила, а со тоа да ни ја олеснат работата, сооппшти „Анархистички групи на ноќни инвазии“, како што самите се нарекуваат, го завршуваат опширниот текст објавен на анархистички сајт, преку коанархисти ј ја преземаат одговорноста за запалените возила во текот на ноќта меѓу 21 и 22 јануари 2020 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Анархистите објаснуваат дека на нивна мета се луксузни и скапи автомобили, велат дека сликата на десетици уништени возила „е слика на класната војна“ и ја уништуваат, како што пишуваат, „догмата на „Закон и ред“ што ја спроведува владата“, а „запалените луксузни автомобили испраќаат јасна порака до Нова демократија“.

-Луксузните возила што беа масовно изгорени, вредат повеќе од 40. 000 евра и се симболи на богатство и зачувување на класните привилегии на штета на сиромашните, социјално исклучените, маргинализираните во капиталистичкото општество, пишуваат анархистите

Паралелно, велат дека „секој/а може да помогне во борбата“.

-Возилото на еден цајкан кој не е на служба кое го паркира непосредно пред да влезе дома, на фашист кој е на мета поради неговите ставови, на сопственик на луксузен автомобил, може да биде мал симболички чин во големиот колективен обид, пишуваат „Анархистички групи на ноќни инвазии“.

Во периодот меѓу 1 и 3 часот по полноќ, на 22 јануари годинава, во неколку различни населби во Атина беа запалени 18 паркирани возила.