Авганистанските сили за безбедност успеаа да ослободат 149 лица, вклучувајќи ги и жените и децата, кои беа претходно киднапирани во заседа на талибанците од три патнички автобуси во северната провинција Кундуз.
Насрат Рахми, заменик-портпарол на авганистанското Министерство за внатрешни работи, рече дека бунтовниците држеле уште 21 лице во заробеништво. При операцијата за ослободување притворените, која продолжува, биле убиени најмалку седум талибанци.
Портпаролот на талибанците, Забиула Муџахид, изјави дека одлучиле да ги киднапираат луѓето од автобусите, откако нивните разузнавачки извори откриле дека во нив имало многу членови на авганистанските безбедносни сили.