Последната рунда преговори меѓу талибанците и САД за повлекување на американските трупи од Авганистан е завршена, а двете страни сега ќе се консултираат со своите лидери за следните чекори, изјави талибанскиот портпарол Забихула Мужахид.

Тој во соопштение ги опиша разговорите како „долги и корисни“.

Минатата недела, друг портпарол на талибанците истакна дека се очекува договор по оваа, осма рунда преговори.

Се очекува договорот да ги вклучува гаранциите на талибанците дека Авганистан нема да биде база за екстремистички групи.

Во договорот би можела да се најде и спогодба за прекин на огнот, како и за разговор на талибанците со други претставници во Авганистан, иако Талибанците одбиле да разговараат со авганистанската Влада, обвинувајќи ја дека е американска марионета.