Медиумите за време на референдумот да известуваат професионално, да не заземаат страни при известувањето како и да емитуваат пораки насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјата, кон поттикнување, повикување или кон разгорување воена агресија, говор на омраза или да поттикнуваат национална, верска, расна и етничка омраза, ксенофобија или други форми на омраза, повика денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
– Имајќи предвид дека станува збор за исклучително важно прашање, очекуваме медиумите да се однесуваат согласно улогата што ја имаат во развојот и непреченото одвивање на демократските процеси, односно дека ќе се придржуваат до начелата за праведно, избалансирано и непристрасно известување преку создавање услови за еднаков пристап до медиумите на заинтересираните страни, рече на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски.
Тој појасни дека АВМУ има изработено препораки, кои сега се во нацрт верзија, за известувањето на медиумите за референдумот. Препораките, рече, ќе бидат финални после 17 август откако детално ќе бидат разгледани сите забелешки и предлози, што можат да ги даваат и самите медиуми.
Од Агенцијата очекуваат непристрасно и ненаметливо известување, медиумите да не го наметнуваат своето мислење во информативните изданија и да го покриваат референдумот во согласност со одредбите и принципите утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како и Законот за референдум.
Трајчевски рече дека за време на кампањата може да се објавуваат анкети, но оти јасно треба да се наведе нарачателот, институцијата која го спровела, периодот на спроведување, применетата методологија и големината на испитаниот примерок. Анкетите можат да бидат пуштени во етерот најдоцна пет дена пред референдумот.
Со препораките се регулира платеното политичко емитување кај комерцијалните радиодифузери, како и однесувањето на јавниот сервис, кој има обврска да емитува програми за информирање на граѓаните за начинот и техниката на гласање, да ги покрива сите аспекти на референдумот. Тој треба да организира стручни дебати и емисии за референдумот, од повеќе аспекти.
Сите облици на јавна пропаганда поврзана со референдумот, потенцира Трајчевски, мора да завршат најдоцна 48 часа пред денот на гласањето. За време на референдумскиот молк, радиодифузерите треба посебно да внимаваат, до завршување на гласањето да не емитуваат информации, изјави, соопштенија и други облици на известување со кои може да се влијае врз одлуката на граѓаните.
Одлуката за распишување референдум ја донесе вчера македонското Собрание. Референдумот треба да се одржи на 30 септември, а граѓаните треба да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.