Новоизбраниот австралиски премиер, Ентони Албанезе, утре треба да положи заклетва, по неговата вчерашна победа на парламентарните избори на неговата Лабуристичката партија, јави ДПА.
Албанезе на новинарите им соопшти дека утре ќе положи заклетва со уште четворица сопартијци за да ги покрие сите министерски ресори „како привремен аранжман“, додавајќи дека ресорите потоа ќе се поделат од следната недела.
Албанезе (59). кој ќе стане првиот лабуристички премиер од 2013 година, изјави дека веднаш потоа ќе замине за Токио на средбата, планирана за вторник, со лидерите на Јапонија, САД и Индија.
-Очигледно, средбата на четворицата лидери е апсолутен приоритет за Австралија, им изјави тој вчера на новинарите во Сиднеј.
„Тоа ни овозможува да испратиме порака до светот дека има промена на власта, ќе има некои промени во политиката, особено за климатските промени“, рече тој, пренесе ДПА.
-Ќе се вратам во Австралија во среда, а потоа ќе се зафатиме со работа, рече Албанезе.
Вчера сè уште беше нејасно дали лабуристите на Албанезе ќе владеат самостојно или ќе треба да водат малцинска влада.
Како што продолжи пребројувањето на гласовите, радиодифузерот Еј-Би-Си ги наведе лабуристите како водечки со 72 места, додека коалицијата на премиерот во заминување Скот Морисон беше наведена со 50 места по речиси 70 отсто преброени гласови.
Експертите велат дека ќе биде потребно извесно време за да се финализира распределбата на местата поради комплицираниот изборен систем во Австралија, пренесува германската агенција.
Морисон, цврст поддржувач на индустријата за јаглен, по изборниот пораз најави дека ќе поднесе оставка како лидер на Либералната партија. Неколку часа по затворањето на гласачките места синоќа тој му честиташе на Албанезе и го призна поразот, изјавувајќи дека тоа е „тешка ноќ“ за неговата конзервативна влада.