Брод на кинеската воена морнарица насочил ласер кон австралиски воен авион кој летал над северните приоди на Австралија, потенцијално загрозувајќи човечки животи, соопшти денеска австралиското Министерство за одбрана.
Авионот П-8A Посејдон откри ласер кој бил емитуван од бродот на морнарицата на Народноослободителната војска на Кина, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Австралија
– Ласерското осветлување на авионот од кинескиот брод е сериозен безбедносен инцидент. Ваквите активности имаат потенцијал да ги загрозат човечки животи. Остро го осудуваме непрофесионалното и небезбедно воено однесување, соопшти австралиското Министерство.
Во моментот на инцидентот, кинескиот воен брод пловел кон исток заедно со друг брод PLA-N низ Арафурското Море, меѓу северниот брег на Австралија и јужниот брег на Нова Гвинеја, соопшти Министерството.
Министерството за одбрана наведе дека двата брода во меѓувреме поминале низ теснецот Торес и впловиле во Коралното Море.