Уникатните флора и фауна за Австралија повеќе од кога и да е се под закана од шумски пожари, суши, човекови активности и од климатско затоплување, покажува владиниот извештај објавен денеска, означен како шокантен, јави Бета.
Извештајот за австралискиот еколошки систем, што се спроведува секои пет години, воспоставил расфрлани ненадејни промени предизвикани од климатското затоплување, загубата на живеалишта, инвазивните видови, загадувањето, рударството.
Со тие закани не се управува на соодветен начин, што значи дека на пат се да создадат дополнителни проблеми.
Сликата од штетата, на што укажаа научниците во извештајот, е значајна. Од почетокот на 20 век, просечната температура на земјата во Австралија порасна за 1,4 степени Целзиусови поради загревањето на планетата, што го забрзува влошувањето на состојбата на флората и фауната.
Австралиската министерка за животна средина, Тања Плиберсек го опиша како шокантен документ што зборува за историјата на кризата и влошувањето на состојбата на австралиската животна средина.
Во пожарите од 2019-2020 година изгоре над осум милиони хектари вегетација, а поради нив настрадаа или се раселија од милион до три милиони животни, покажуваат главните заклучоци во извештајот.
Топлотниот бран во океаните предизвика масовно белење на корали на Големиот корален гребен во 2016, 2017 и во 2020 година. Оттогаш, владиниот извештај од март откри дека гребенот повторно претрпе масовно белење.
Уништени се милиони хектари шума од 1990 година. Истото важи за седум милиони хектари живеалишта за загрозени видови меѓу 2000 и 2017 година, се наведува во извештајот.
За пет години над 200 растителни и животински видови од национално значење се додадени на списокот на загрозени видови според австралиските еколошки закони.
– Австралија изгуби повеќе видови цицачи од кој било друг континент, пишува во извештајот и се додава дека за осум проценти порасна бројот на нови видови што спаѓаат во загрозената категорија.
Од друга страна, австралиските градови се развиваат со брзо темпо, што доведува до пораст на топлината, загадувањето и на урбаниот отпад, а истовремено ги црпи ресурсите на вода и енергија.
– Сиднеј изгуби над 70 отсто од својата природна вегетација, се истакнува во извештајот.
Климатските промени особено влијаат на Австралија, што редовно е погодена од суша, разорни шумски пожари и сè почести и поголеми поплави.