На 3,5 недели пред предвремените парламентарни избори во Австрија хакирана се серверите на Народната партија (ОВП) на доскорешниот премиер Себастијан Курц.
Партијата соопшти дека им се украдени 1.300 Гигабајти податоци.
-Целта била да се влијае и манипулира со изборите, тврди Курц во изјава за виенскиот дневен весник „Естерајх“.
Конкретно, станува збор за серверот во седиштето на партијата во Виена, а како што велат „добро информирани кругови“, хакиран бил и пристапниот налог на Курц.
Неофицијално, во ОВП се соменваат дека зад нападот може да стојат руски разузнавачки кругови, но и приврзаници на турскиот претседател, кои и во минатото вршеле кибер напади врз оваа партија.
Курц изјави дека не сака официјално да зборува за инцидентот и за тоа кој би можел да стои зад нападот, но објасни дека ангажирал експерти тоа да го решат, кои впрочем и дошле до првите сознанија и докази.
На 27 јули напаѓачите успеале првпат да упаднат во серверот на ОВП. На 11 август, исто така, успеале да се инфилтрираат во мрежните компоненти и да ги компромитираат. Тогаш дури и ја презеле контролата врз административниот налог, истакнуваат од „Сајбертреп“, компанијата која го презела расветлувањето на хакерскиот напад
Хакерите не само што „украле“ огромно количество податоци, туку и добиле можност да „прават што сакаат“, а на тој начин можеле да минипулираат со сите податоци и пораки.
-Хакерите цели пет недели биле во системот на ОВП. Врската била прекината дури на 3 септември, додава компанијата истакнувајќи дека ваков напад многу чинел и можеле да го изведат само професионалци.