Собраниската делегација, предводена од спикерот Талат Џафери, денеска, во рамки на официјалната посета на Република Австрија, ја посети работилницата за демократија формирана од австрискиот Парламент.
Џафери кој беше придружуван од пратениците Реџаил Исмаили и Мери Лазарова, како и од генералниот секретар, Цветанка Иванова, одговараше на прашања на младите учесници кои се интересираа за неговото мислење за слободата на говорот, заштитата на човековата околина и за тоа како ја доживува функцијата.
Работилницата за демократија е за да ги информира младите луѓе во шест различни интерактивни работилници за основните карактеристики на демократијата и парламентарниот систем. Темите на индивидуалните работилници се подготвени во форма на истражувачки проекти за работа во мали групи според возраста на учесниците. Секоја мала група се занимава со своите теми преку продукција на филм, радио или весник, кои подоцна собјавуваат на веб страница.
Работилниците имаат за цел да го поттикнат интересот за разбирање на парламентарниот процес, учење на основните принципи на медиумската писменост и изразување на сопственото мислење.
Во текот на нивните истражувачки проекти, на учесниците им се дава можност да ги интервјуираат вистинските членови на Националниот и Сојузниот Совет за нивната парламентарна работа и лично искуство. Оваа размена им дава увид во законодавниот процес и секојдневните активности на пратениците.
Австриската страна понуди поддршка за осмислување и спроведување на слични проекти во Собранието на Република Македонија.