Министерката за енергетика и заштита на животната средина Леонор Гевеслер денеска пред новинарите во Виена ја претстави Кампањата на Сојузната влада на Австрија за заштеда на енергија наречена „Мисија 11“.

-Денеска ја лансираме Мисијата 11 и се надеваме дека во неа ќе се приклучат што повеќе луѓе, рече таа и додаде дека целта на кампањата е „мала промена во нашето однесување со цел да заштедиме во просек 11 отсто енергија.

Поточно, овој процент на заштеда се очекува од секое австриско домаќинство. Затоа се вика „Мисија 11“, а во неа има низа инструкции или препораки на Владата како да се заштеди енергија.

Владината кампања препорачува Австријците повеќе да не се капат во кади и да се тушираат со студена вода. Односно, ако водата е топла, тогаш значително туширањето да трае пократко од порано, бидејќи една минута пократко туширање, како што се истакнува, наводно носи заштеда на енергија од 20 проценти.

Греењето треба да се намали за најмалку два степени. Затоа наместо затоплување, да се носат дебели чорапи, пишуваат медиумите.

Во јавните установи греењето ќе биде ограничено на 19 степени во зима. Исклучок се училиштата, градинките, болниците и домовите за стари лица.

Што се однесува до струјата, се препорачува продолжен кабел со повеќе приклучоци, односно уредите да се исклучуваат од напојување кога не работат, бидејќи така се заштедува 10 проценти од електричната енергија, со оглед на тоа што просечно австриско домаќинство има 20 различни уреди.

Биле дадени и низа инструкции како да се заштеди енергија при миење садови и алишта, но и при префрлување од обични и халогени сијалици на ЛЕД, со напомена дека со тоа се заштедува дури 94 проценти на струја.

Одлучено е осветлувањето на јавните објекти да биде исклучено по 22:00 часот. Исклучок е уличното осветлување поради јавната безбедност.

Она што исто така се препорачува, а особено ќе ги алармира сопствениците на автомобили е упатството да успоруваат во градот за да штедат гориво и да не возат со брзина поголема од 100 км/ч на експресните патишта, а 80 км/ч на обичните патишта. На овој начин, наводно, ќе заштедат и до 24 проценти на горивото.

Исто така, се очекува возачите да се префрлат од возење автомобили на јавен превоз или велосипеди за пократки растојанија.

Владината кампања за штедење не ги заборавила ниту пушачите. Особено рестораните, кои минатиот викенд беа вознемирени поради барањето на министерот во зима да се отстранат греалките од терасите на рестораните и кафулињата, кои им овозможуваат на пушачите да седат на отворено и на студено време.

Владата предлага и повеќе луѓе од соседството, кои не можат да користат јавен превоз, сега да се возат во еден автомобил, како и возачите да го мерат притисокот во гумите еднаш месечно бидејќи пренискиот притисок значи поголема потрошувачка на гориво…

„Рускиот претседател Владимир Путин сака да не уценува и да не омекне. Не можеме само да гледаме како се убиваат луѓе во Украина. Тоа е и војна против нашиот западен модел на живеење“, рече австриската министерка.