Автомобилот е омилено превозно средство за над една третина од жителите во земјава. На патиштата низ државата има над 477 илјади автомобили со просечна старост од 19,3 години. Околу 57 проценти од нив возат на дизел, а само 0,03 се електрични. И додека улиците и тротоарите навидум се преполни од возила, сепак сме под просекот од Европа, каде еден автомобил е на двајца жители, додека кај нас еден на четворица.
И додека бројот на автомобили во Македонија е во постојан раст, една третина од домаќинствата во земјава во 2020 година не поседувале автоомобил, каде според Статистичкиот годишник објавен од Државниот завод за статистика, само 64 проценти од домаќинствата рекле дека поседуваат патнички автомобил.
Во Европа во 2020 година во просек имало 500 возила на 1 000 жители, што е двојно повеќе во споредба со нас, покажуваат податоците од Евростат.
Според податоците од Државниот завод за статистика во земјава има 260 патнички автомобили на илјада жители во 2021 година или околу четири луѓе на еден автомобил. По статистички региони најмногу има во Скопскиот 100 возила на 1 000 жители, а најмалку Вардарскиот регион само 17 возила на 1 000 жители. Втор по број на возила е Пелагонискиот регион со 32 автомобили на 1 000 жители.
Во Европа најмногу автомобили по глава на жител имаат Лихтенштајн (779), Луксембург (682) и Италија (670), а најмалку Романија (379), Латвија (390) и Унгарија (403). Во земјите од регионот Бугарија има 414 возила на 1 000 жители, Хрватска (433), Грција (514) и Словенија (555).
На ниво на ЕУ постои голема разлика во моторизацијата од регион до регион, па така три од петте највисоки стапки на моторизација (број на патнички автомобили на 1000 жители) се регистрирани во Италија: Вале д’Аоста (1 787), автономната провинција Тренто (1 285) и автономната провинција Болцано (871). Останатите две се во Флеволанд (857) во Холандија и во финскиот регион Аландските Острови (840). Од друга страна, најниски стапки на моторизација се пријавени во два француски (прекуморски департмани) и три грчки региони: Мајот (72), Пелопонез (186), Француска Гвајана (209), Централна Грција (238) и Северно Егејски регион (261).
Во земјава најмногу дизел возила – над 270 илјади, а само 128 се електрични
На патиштата низ земјава минатата година имало 477 820 регистрирани возила, според податоците од Министерството за внатрешни работи. Најголемиот дел од нив 271 394 или 57 проценти се дизел, а 194 393 или 40 проценти се бензински. На плин се 11 720 или 2,5 проценти, додека на електричен погон има само 128, на метан 41 возило, а три како погонско гориво користат алкохол.
Интересно е дека пред само неколку години на патиштата низ државата доминирале бензински автомобили. Во 2015 година од 383 илјади возила над 54 проценти биле на бензин, а дизел – 42 проценти. Учеството на бензинските автомобили на патиштата е во постојан пад, па така во 2016 нивниот удел е 51 процент, во 2017 – 49 отсто, за во 2018 да падне на 46 проценти и за првпат на патиштата над половината од патничките возила да користат дизел како погонско гориво. Уделот на бензинските мотори продолжува да се намалува и во 2019 е 44 отсто, во 2020 година 42 проценти, за во 2021 да падне на 40 отсто.
Електричните возила на нашите патишта имаат удел од само 0,03 проценти и иако скромен, имаат постојан раст. Во 2019 година биле само 51 или 0,01 процент, за во 2020 да се зголемат на 69 и 0,02 проценти и во 2021 да има 128 регистрирани електрични возила.
Најголемиот дел од електричните возила се во Скопје и тоа 40 се регистрирани во Општина Карпош, 29 во Центар, 11 во Гази Баба, по пет во Бутел и Чаир, четири во Ѓорче Петров и по три во Аеродром и Кисела Вода.
Уделот на возила на плин на патиштата низ земјава е речиси постојан, но сепак во последните години има трен на намалување. Од 2,84 проценти во 2015, на 2,69 отсто во 2019, 2,67 проценти во 2020, на 2,45 отсто во 2021 година. На метан во 2021 година имало само 41 регистрирани возило, од кои половината – 20 се во Куманово.
Од 11 720 возила на плин, најголемиот дел или 16,5 проценти се регистрирани во Прилеп, околу 15 проценти во Скопје, 12 проценти во Велес и десет проценти во Охрид.
Расте бројот на автомобили, но и просечната старост
Во 2020 година на патиштата во земјава имало вкупно 429 илјади патнички автомобили, што е раст од три илјади во однос на 2019, кога имало 426 илјади возила и раст од 35 илјади во споредба со 2015 година кога имало 384 илјади автомобили, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
И додека расте бројот на возила, се зголемување и просечната старост од 18 години во 2015, на 19,4 во 2020 година.
Над 88 проценти од автомобилите во 2020 година биле постари од десет години. Нивниот број е зголемен за девет процентни во споредба со 2015 година, кога 79 проценти од автомобилите на патиштата биле постари од десет години.
Од 429 илјади автомобили на патиштата во 2020 година само осум илјади или 1,9 проценти биле не постари од две години, а 14 илјади или 3,3 проценти не постари од пет години.
Во последните пет години трендот на возила не постари од пет години е константен и се движи околу пет проценти, додека бројот на возила до десет години е повеќе од преполовен од околу 16 проценти во 2015 години на 6,4 проценти во 2020 година.
Дизелот со над 70 проценти удел доминира во продажбата на гориво во земјава
Според податоците од Регулаторната комисија за енергетика – РКЕ во потрошувачката на нафтените деривати на домашниот пазар во 2021 година доминираат дизел горивата со 70,27 проценти, мазутот е со 9,61 отсто, безоловните бензини се со учество од 9,51 проценти и течниот нафтен гас со 6,57 отсто. Потоа следуваат екстра лесното масло (ЕЛ-1) со 3,58 проценти, биогоривото со 0,16 отсто и млазното гориво со 0,07 проценти.
Притоа, кај продажбата на сите нафтени деривати во 2021 година има забележителен раст во споредба со претходната 2020 година, со исклучок на екстра лесното масло (ЕЛ-1) и течниот нафтен гас (ТНГ). Најголем пораст во 2021 година во однос на 2020 година има кај потрошувачката на биодизел од 69,25 проценти, кај мазутот порастот на потрошувачката изнесува 17,98 отсто, кај бензините порастот изнесува 13,28 проценти, кај дизелот порастот изнесува 12,59 отсто, додека пад во потрошувачката во 2021 година во однос на 2020 година се бележи кај екстра лесното масло (ЕЛ-1) за 16,59 проценти и кај течниот нафтен гас (ТНГ), за 0,81 отсто.
Колку за споредба во потрошувачката на нафтените деривати во 2015 година доминираат дизел горивата, но со 63,64 проценти удел, додека безоловните бензини имаат учество од 12,70 отсто, а течниот нафтен гас со 8,03 проценти. Оттогаш уделот на дизелот полека се зголемување, а на безоловните бензини и ТНГ се намалува.
Во потрошувачката на нафтените деривати во 2017 година дизел горивата учествуваат со 66 проценти, безоловните бензини со 12 отсто, а течниот нафтен гас со 8 проценти. Во 2019 година уделот на дизелот се зголемува до 68,50 проценти, додека на безоловните бензини се намалува на 11,02 проценти, а на течниот нафтен гас на 7,80 проценти.
Автомобилот е најчесто превозно средство кое се користи во нашата земја
Над 35 проценти од вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе до работа или училиште користи автомобил, покажуваат податоци од Пописот 2021.
Мажите најчесто до работа или училиште возат автомобил, и тоа над 40 проценти, а кај жените автомобилот е на второ место – околу 19 проценти го користат како најчесто превозно средство до работа или училиште.
Во Скопје над 42 проценти најчесто до работа или училиште одат со автомобил (38,4 најчесто како возач и 4,1 најчесто како совозач).
Александар Атанасов за МИА