Од појавата на ковид-кризата, туризмот драстично се промени. Намалените расположливи капацитети поради ковид-мерките и малиот број аранжмани се последиците што најмногу го засегнаа овој сектор. Сепак, за трговското друштво ЕЛЕМ турс изминатата година беше повеќе од успешна. Директорот на компанијата Адем Авзиу годината што измина ја оцени како позитивна, а оваа очекува да биде уште подобра. Меѓу другото, Авзиу во интервју за МИА откри со какви предизвици се соочил со неговото доаѓање на функцијата.

Годинава што измина беше година кога вие дојдовте на функцијата директор, што се промени во ЕЛЕМ турс откако го презедовте кормилото?

– Моето назначување за прв човек на ЕЛЕМ турс значеше фаќање во костец со горливи проблеми што постоеле децении наназад. Тоа самото по себе значеше зафаќање со многу ситуации, проблеми и недостатоци. А секојпат најтешко е кога треба да менувате нешто што е застојано. Сепак, благодарение на тимот што успеав да го формирам за кратко време и да се усогласиме, поголемиот дел од вработените во ски-центарот Попова Шапка и Дирекцијата во Скопје, успеавме полека, на почетокот со огромен напор, а сега со силен ентузијазам, полека но сигурно да создаваме успешна слика и услови кои се елементарни, а толку неопходни во ски-центарот. На самиот почеток го затекнав ски-центарот Попова Шапка, па и друштвото ЕЛЕМ турс со многу проблеми и меѓу нив и големи долгови, пред сè во Попова Шапка и во центарот Копанки. Имено, надвор од функција, на Попова Шапка беа две жичници, тоа се Св. Илија и Церипашина, но со посветеност успеав да ги санирам дефектите на Св. Илија во првите две недели, откако бев назначен за директор на ова друштво, а за Царипашина имавме потреба од подолг период, за санирање на дефектите на кои работевме цело лето, успеавме да ги санираме тие дефекти и веќе ја имаме во функција и двоседата Царипашина. Исто така, при моето доаѓање не беше во функција ни ски-центарот, ни жичарницата и ски-лифтот во ски-центарот Копанки. Сега и тие се во функција.

Можам да заклучам дека првите предизвици на самото доаѓање беа сериозни, меѓутоа со работа, желба и со посветеност успеваме секој ден сè повеќе да ги надминеме овие проблеми. Овде не застануваме. Ова е првата фаза на создавање, како што реков, елементарни услови. Во следните фази ни претстои сериозна работа во делот на стратегиско планирање и модернизација на ски-центарот во делот на обезбедување систем за вештачки снег, обновување на машините за обработка на снег и подготовка на ски-патеките, подобрување на вкупната инфраструктура во ски-центарот, управување со отпад и она што е особено значајно вложување во интелектуалниот капитал на Друштвото, затоа што вработените се клучната алка во туристичката индустрија.

При самото доаѓање на функцијата воедно се соочивте и со друг предизвик, а тоа беше пандемијата на Ковид-19. Како се справувате со кризата?

– Јас можам да кажам дека и во ситуација на пандемија ние како друштво особено во ски-центарот Попова Шапка имавме една многу позитивна сезона, позитивна година. Сакам да истакнам дека првпат откако постои ЕЛЕМ турс, подружницата Попова Шапка работеше и ја затвори минатата сезоната со позитива и тоа со 100 милиони денари во плус имајќи ги предвид и сите други трошоци што биле покриени. Јас сум презадоволен од минатата сезона, иако имавме пандемија, имавме прилив на многу гости, на многу туристи и скијачи во нашиот ски-центар. Практично, во изминативе седум месеци се работеше на бројни активности врзани за средување на скијачката инфраструктура и маркирање на ски-патеките. Се инвестираше во нова ски-патека долга 2 километра, на која е инсталирано дополнително осветлување и на која може да има и ноќно скијање. Исто така, ски-центарот првпат оваа година (2021г.) доби јавни тоалети, вкупно пет, а за оваа ски-сезона се инвестираше и во два модерни мини бар-ресторани лоцирани во близина на ски-патеките каде што скијачите ќе можат да се освежат и да се одморат. За прв пат во историјата на Попова Шапка го градиме најголемиот снежен парк во регионот, место за љубителите на адреналинските спортови. Мислам дека ќе ни се повтори минатата сезона, а верувам и дека ќе биде подобра годината што следува.

 

 

Факт е дека пандемијата донесе измени во туризмот, и запознаени сме со нив, меѓутоа она што сѐ уште останува нејасно е дали тие последици ќе бидат трајни за туристичката индустрија, што покажуваат анализите од практиката?

– Пандемијата реално е еден голем проблем за секторот туризам, кој не ни овозможува  да работиме со целосен капацитет, бидејќи, нели, мора да ги почитуваме препораките. Мислам дека оваа состојба ќе трае додека трае пандемијата, но очекуваме од надлежните институции да се залагаат малку повеќе за секторот туризам, да преземат соодветни мерки, тие мерки што ги донесува Владата, колку што сум во тек неколку пати беа преземени соодветни и конкретни мерки од Министерството за економија за да им се излезе во пресрет на туризмот и на угостителите, тие се покажаа како позитивни, но мислам дека треба да се подразмисли за нивно продолжување или изнаоѓање некои други за да се одржи секторот на нозе.

Дали и колку пандемијата влијаеше врз формирањето на цените на понудите?

– Исклучително многу. Во услови кога сѐ поскапува не можете да работите без зголемување на цените и на своите услуги. Во спротивно, ќе работите со големи загуби. Реално, пандемијата влијае врз цените на понудите затоа што сите знаеме дека во последно време многу цени се покачени на пазарот, и врз основа на тоа и ние ги формиравме цените. Но ние не сакаме пандемијата во сè да ја ставаме како наш параван. Да, таа е реален проблем и закана, но паралелно ние одбравме да се посветивме на создавање нови помодерни услови за туристите, за скијачите конкретно за ски-центарот Попова Шапка, така што формирањето на цената главно се должи на економското влијание на пандемијата, но и на квалитетот на понудените услуги. Во нашиот ски-центар Попова Шапка направивме неколку инвестиции, можности за туристите и врз основа на тоа ја формиравме и цената на дневните, полудневните, ноќните и сезонските билети. Имајќи го предвид квалитетот што се нуди, сепак сме поповолни понудувачи за оваа сезона и поевтини во споредба со другите ски-центри во државата и регионот. Со други зборови, нашите понуди се поприфатливи и многу пониски.

ЕЛЕМ турс раководи со шест подружници што нудат одлични понуди, особено во овој период од годината, но сепак, какво беше расположението кај граѓаните за новогодишните, а сега и за празничните пакети?

– Моментално за оваа сезона нам ни се во функција две подружници –  Попова Шапка и Молика, и можам да ви кажам дека и двете подружници и двата објекти се полни и беа резервирани за време на новогодишните празници. Имаме најавени и странски и домашни туристи, веќе имаме една група од Чешка што престојува, и тука ќе ги поминат празниците, има најава за туристи од Србија, од Косово, како и наши туристи, така што нашите капацитети се полни во деновите што следуваат. Хотел Молика беше букиран за време на новогодишните празници, исто така хотел Славија и Попова Шапка. Понудите и аранжманите се приспособени на побарувачката, дводневни, тридневни и неделни исто така, во нивните цени и нивните понуди има дополнително понуди и за ски-билети, за нив има одреден попуст, а нашите очекувања се дека гостите ќе си поминат најубаво за време на нивниот престој во нашите капацитети. Ски-центарот „Попова Шапка“, на 31 работеше од 9 до 14 часот. На 1.1.2022 почна со работа од 10 часот до 15:30, а вечерта на 1.1.2022 имаше ноќно скијање од 19 до 22 со диџеј, сето ова за да ја започнеме Новата годината весело, за да биде пред сѐ здрава, среќна, бериќетна и успешна. Ние имаме добри понуди и аранжмани, дводневни, тридневни и неделни, исто така во нивните цени и понуди, има дополнително понуди и за ски-билети, за нив има одреден попуст, а нашите очекувања се дека гостите ќе си поминат најубаво за време на нивниот престој во нашите капацитети.

Симона Србиноска

ФОТО: Фросина Насковиќ