На хартија смеат да работат, но во реалноста тоа е мислена именка. Некои живеат тука и по една година, но сепак, ускратени им се многу есенцијални права. Избегале од матичните држави, а кога дошле во Македонија за да бараат азил, се соочиле со нови предизвици, кои дополнително им го отежнуваат животот.
Барателите на азил, освен што се соочуваат со долга временска рамка за одобрување меѓународна заштита, нивната положба во државава ја уредуваат законски неусогласености кои ги спречуваат да учествуваат на пазарот на труд, а со тоа и да продонесуваат во општеството.
Неретки се примерите кога барател на азил во земјава кој престојувал во прифатен центар, сакал и да работи. Но, граѓанскиот суд донел негативна одлука, бидејќи тој немал матичен број, а со тоа ниту банкарска сметка.
Законот за меѓународна и привремена заштита предвидува временска рамка за добивање на право на азил од девет месеци, со можност за продолжување, овој закон предвидува и можност за учество на пазарот на трудот по завршувањето на тие девет месеци и во случај ако постапката за добивање азил трае повеќе од девет месеци.
Законот гласи:
-Барателите на право на азил до донесување на конечна одлука во постапката за
признавање на право на азил имаат право на работа само во рамките на Прифатниот центар или друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика и право на слободен пристап на пазарот на труд за барател на право на азил за чие барањето за признавање на право на азил не е донесена одлука од страна на Секторот за азил, во период не подолг од девет месеци по поднесувањето на барањето.
Законот дозволува учество на пазарот на трудот, но не и регистарскиот систем кој не им дава матичен број на овие лица. Тоа е така затоа што самиот закон во член 61 не предвидува законска можност за одредување на матичен број на барателите на азил, како еден од условите тие да бидат заведени во Агенцијата за вработување и да имаат пристап до пазарот на трудот.
-Во други земји тоа е централизирано, меѓутоа треба да се најде најдобриот начин. Законот ти дава право, но не дава начин како да добие матичен број. Издавањето на матични броеви за сите лица треба да биде централизирано и достапно за сите лица кои имаат законски основ за остварување на права без оглед на која категорија на странци припаѓаат, вклучувајки ги и барателите на азил. Кај нас законот предвидува можност за работа, но не дава начин како барателот на азил да добие матичен број за да го оствари ова право, посочува правникот од Македонското здружение на младите правници, Зоран Дранговски.
Александра Цветановска, претседателка на Македонско здружение на млади правници (МЗМП) кое редовно ја следи состојбата со барателите на азил, е согласна дека законските права, како правото за учество на пазарот на трудот, во практика наидуваат на пречки во реализацијата.
Законските недостатоци алармантни и за Народниот правобранител
Во последните четири години до Народниот правобранител се стигнати десетина претставки поднесени од здруженијата и тие се однесуваат токму на долготрајноста на постапката за признавање на азил и немањето можност лицата да се вработат додека ја чекаат правосилноста на одлуката.
Од канцеларијата на народниот правобранител Насер Зибери, велат дека по направената анализа, констатирано е дека во пракса, во овој дел се повредуваат правата на барателите на азил.
– Постапувајќи по претставки од барателите за признавање на правото на азил во кои се пожалија дека се оневозможени да остваруваат права, како на пример право на слободен пристап на пазарот на труд, односно право на вработување, Народниот правобранител, преку анализа на законското решение и легислативата на Европската Унија, констатираше дека на барателите на правото на азил им е оневозможено право на слободен пристап на пазарот на труд, односно правото на вработување поради намерна или ненамерна недоследност во законското решение, меѓу другото и поради неможноста да добијат матичен број кој е неопходен за пријавување во Агенцијата за вработување, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Оттаму додаваат дека поради овие причини поднесена била иницијатива до Владата за измена и дополнување на Законот за меѓународна и привремена заштита и на други закони, но таа не била прифатена со како што велат оттаму „конфузно образложение“.
-Иницијативата не беше прифатена со конфузно образложение дека законското решение е веќе усогласено со директивата на Европската унија, иако овие лица во пракса не можат да остварат правото за вработување, појаснуваат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Од 1.235 барања за азил, супсидијарна заштита добиле само 15 луѓе
Според податоците со кои располага Секторот за азил при МВР, 1.235 луѓе поднеле барања за азил во земјава од 2018 до октомври годинава. Од овие, само 15 лица добиле супсидијарна заштита, додека 64 биле одбиени. Останатите, според МВР, или не се јавиле на поканата за интервју во Секторот за азил или го напуштиле местото определено за сместување без да го известат надлежниот орган.
-За едно лице да се квалификува како лице под супсидијарна заштита потребно е да постојат причини да се верува, дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, или доколку е лице без државјанство, во својата држава на претходен вообичаен престој, ќе се соочи со реален ризик од претрпување на сериозни повреди. С. Македонија сите овие години е транзит земја на патот кон некоја од земјите членки на ЕУ, па така барателите многу брзо по поднесување на барањето за азил го напуштаат центарот за баратели и државата. Втор фактор е причината што барателите се најчесто економски емигранти и не се вклучуваат во дефиницијата од Конвенцијата од 1951 година, велат од МВР.
Меѓутоа, кога станува збор за утврдувањето на отсуство на страв, анализата на Здружението на млади правници за 2021 година, покажува одредени нерегуларности.
Па така, при интервјуата, во некои случаи забележано е дека полициските службеници повеќе поставувале прашања за патувањето на барателот на азил, отколку за неговиот страв од прогон и состојбата во државата од каде што тој бега. Ова, како што посочуваат оттаму, доведува до сериозна повреда на човековите права.
Од здружението велат дека проблемите на барателите на азил произлегуваат од три клучни сегменти – неусогласените законски рамки, нефункционалниот систем за интеграција и немањето стратегија за интеграција на бегалци и странци. Оттаму, не треба ниту да зачудува фактот што овие лица ја напуштаат државата пред да завршат долготрајните процедури.
-Најголем дел од барателите на азил не ја чекаат завршницата на постапката. Рокот за одлучување по нивните барања е девет месеци со можност за продолжување, меѓутоа препорака е одлуките да се носат побрзо штом постојат услови за тоа. Дополнително, системот за интеграција сè уште не е во целост функционален, а државата нема донесено Стратегија за интеграција на бегалци и странци, алармират од Здружението на млади правници.
Долгата процедура и немањето пристап на пазарот на трудот, за жал не е единствениот проблем со кои се соочуваат овие лица. Во индивидуални случаи од страна на здружението е детектирано и ограничување на правото за слободен пристап до постапката за азил и задржување на лица без правен основ и без издавање решение за истото.
Факт е дека Македонија најчесто е транзит-држава за бегалците, со цел да најдат подобар живот во некоја од европските држави. Но, сепак, сето ова не значи дека треба да се запостават лицата кои бараат азил во земјава и нивните елементарни права да бидат ускратени на сметка на долгите процедури и законските недостатоци. Здруженијата и Народниот правобранител се едногласни дека на патот до остварување на функционален правен систем, во голема мера спаѓа и начинот на кој се третираат оние кои не по своја вина, се оставени без соодветни права и заштита.
Автор: Симона Србиноска
(Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, со поддршка од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд. Содржината создадена во рамките на активноста не нужно ги отсликува ставовите на Фондот и УНХЦР.)