Членот на претседателството на Алијансата за Албанците и политички советник на Арбен Таравари во Министерството за здравството, Сабри Азири, се спротивстави на одлуката на партијата да излезе од Владата.

Преку објава на социјалните мрежи тој истакна дека на последниот состанок на претседателството го повикал членството да му се придружат во продолжувањето на вистинскиот пат на АА, за кој го добиле мандатот од гласачите, пренесе весникот на албански јазик „Лајм“.

-Алијансата за Албанците е над сè! Нашите цели се градење функционална држава, борба против криминалот и посветеност на реформската агенда. Ова е адресата каде оди секој граѓанин, кој се стреми кон европската перспектива на оваа мала земја. Наша должност е да не ги оставаме нашите граѓани и нашите гласачи на милоста на другите, да ги предаваме во туѓи раце. Народот и гласачите ни го дадоа својот глас, за да ги претставиме во најдобро светло. Да не ги разочараме! Секој што има друга идеја – нека продолжи по друг пат! Јас и оние како мене нема да дозволиме повторно да бидеме поделени, ниту да ја предадеме Алијансата за Албанците во прегратките на другите, пишува Азири.