Новиот чешки премиер Андреј Бабиш денеска, пред да замине на самитот на Европската унија во Брисел, изјави дека Русија мора да плати репарации за воените штети во Украина бидејќи Русија ја нападна оваа земја, а исто така и дека не е против користењето на замрзнатите руски активи на Западот за да ѝ помогне на Украина, но дека не сака Чешка да даде никакви дополнителни гаранции за ова.

„Секако, тврдиме дека на Украина ѝ требаат пари. Нашиот став е дека ЕУ прво треба да позајми пари на финансискиот пазар. Немаме проблем да ја поддржиме можноста за користење на замрзнати руски средства, но под услов да не даваме гаранции затоа што не сакаме дополнително да го оптовариме нашиот буџет“, изјави Бабиш пред новинарите.

Тој додаде дека ЕУ треба да најде традиционален пристап, преку позајмуваме, но не беше во можност да одговори на предупредувањето на новинарот дека задолжувањето на ЕУ на финансиските пазари значи дека им гарантира на земјите-членки.

„Јасно е дека Русија мора да плати репарации, но тоа ќе се договори кога ќе заврши војната. Русија ја нападна Украина и мора да плати за штетата што ја предизвика. Сега е важно европските лидери, Трамп, Зеленски, да се согласат на мировен договор“, рече тој.

Пред вечерниот состанок на ЕУ и Западен Балкан во Брисел, Бабиш го повтори предлогот земјите од Западен Балкан прво да бидат вклучени во Шенгенскиот простор пред да влезат во ЕУ.

„Отсекогаш сум се залагал за ставот дека тие земји прво треба да бидат вклучени во Шенген зоната. Прашање на безбедноста е да можеме да ја заштитиме Европа на надворешната граница, а дури потоа да преговараме за членство во ЕУ“, рече Бабиш.

Бабиш, кој ја предводи својата трета чешка Влада, се пожали дека процесот на европска интеграција на Западен Балкан трае многу долго и дека има впечаток дека ништо не се променило од последниот пат кога беше премиер.

„Се сеќавам како С. Македонија се бореше за почеток на преговорите за пристапување. С. Македонија, која го промени името и уставот, тие ветувања не беа исполнети и тие чекаа 16 години да почнеме да преговараме со нив. Некои работи изгледаат како ништо да не се променило во овие четири години“, рече Бабиш.

Андреј Бабиш изрази надеж дека ќе има пробив во напредокот на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.

Фото: архива