Бадник во Тетово почна да се празнува утринава во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ каде празнична служба раководеше митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, по што насобраните верници меѓу кои голем број деца ја формираа Бадниковата поворка исполнувајќи ја песната „Вечниот Бог“.
Владиката г. Јосиф заедно со повеќе свештеници на тетовското намесништво служеше Света Златоустова литургија, а верниците се причестија со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со беседа на која меѓу другото истакна дека во ова навечерие на празникот Божиќ, на Бадник, сите ние со трепетна радост очекуваме голема средба: средба со витлеемскиот Богомладец.
-Подготвени да го пречекаме Христа Господа и по примерот на мудреците да му принесеме свој дар, дојдовме во овој Божји дом, кој за нас денес ја претставуваа Витлемската пештера, будни да го дочекаме Бог. Денес е Бадник, а зборот Бадник доаѓа од зборот бдеење, а бдеење значи да се биде на штрек, да се очекува да се случи нешто необично. А има ли нешто понеобично од тоа самиот Бог, Синот Божји, Второто Лице на Света Троица, Кој предвечно се раѓа од Отецот, заради нас луѓето и заради нашето спасение, порача митрополитот.
По завршувањето на литургијата почна движењето на учесниците на Бадниковата поворка од јужната порта на црковниот двор до плоштадот, а по тоа до пазарот. Литијата продолжи по булевар „Благоја Тоска“ па се до трговскиот комплекс „Тетовчанка“. Од таму, назад по булеварот па на улица „Борис Кидрич, покрај Дом на АРМ, зад Центар за култура и назад на плоштадот. На плоштадот пригоден говор за традициите одржа хроничарот Дарко Гавровски.
-Слава на Бога за прекрасни адети, традиции и празници и настани кои знаат да ги сплотат тетовчани. Најчисти души, најблиски до ангелите се децата, токму затоа тие се кои пред витлеемската ноќ, ја обзнанувале веста за Христовото раѓање. Овие деца и во Тетово со своето пеење уште од 2017 се вклучија во овие Бадникарски поворки да денес да прерасне во традиција која е сè помасовно и ја крунисуваме со прослава на нашиот плоштад. Пред бадниковата посна вечера со најблиските кога ќе бидете вечерва, не заборавајте дека во Тетово секогаш пред таа вечера се канел и еден најубав гостин. Дедо Боже дојди да вечераш со нас. Тоа веќе не е обична вечера, го имаме најубавиот гостин Дедо Боже. Нека Бадник ги згрее Вашите срце, нека Дедо Боже и Бадник нека Ви го осветли патот по којшто чекорите, на здравје среќа љубов и бериќет нека има мир во сечиј дом, истакна Гавровски.
Додека се движеа со поворката децата учесници добија дарови од сопствениците на угостителските објекти кои пред нивните објекти подготвија празнични маси. На плоштадот настапија детскиот хор „Лале“ со диригентот Теодора Ветеровска како и триото Нејмлес.
Во Тетово прв пат се одржа бадникова поворка во 2017 година, со пауза во 2021 и 2022 поради пандемијата. За Бадник народна традиција е кога ќе се стемни, децата да се маскираат и така да одат до домовите на своите блиски роднини и пријатели, ја исполнуваат песната „Бдња Баба“ за што добиваат подароци.
Фото: МИА