Американскиот претседател Џозеф Бајден ги критикуваше Кина и Русија дека не направиле повеќе за решавање на климатската криза.

– Се појавивме и влијаевме на тоа како остатокот од светот гледа на Америка и нејзините лидери. Тоа е огромен проблем и тие ја свртеа главата oд него. Како можат да го направат тоа и да се нарекуваат големи лидери, рече Бајден на самитот COP26.

Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин не присуствуваа на климатскиот самит на ОН во Глазгов, што се смета за најважните меѓународни преговори за климата во последните години.

Зборувајќи подетално за односите со Кина, американскиот претседател рече дека не е загрижен за евентуален вооружен конфликт и оти јасно му ставил до знаење на кинескиот претседател во разговорот дека ривалството меѓу двете земји не мора да биде конфликт.

Бајден истакна дека САД треба да ја поддржат климатската акција дури и ако другите нации не го сторат тоа затоа што сакаат свет кој ќе може да диши и да биде лидер во тоа.

– Факт е дека Кина се обидува да ја потврди својата нова улога на светски лидер без да се појави. Најважното нешто што го привлече вниманието на светот е климата. Секаде. Од Исланд до Австралија. Тоа е едноставно огромен проблем, а Кина се повлече. Како можете да го направите тоа и да тврдите дека после тоа може да имате каква било водечка улога? Така е и со Путин, нагласи Бајден.

Американскиот претседател рече дека дејствувањето во врска со климатската криза не е само морален, туку и економски императив.

– Инвестирањето во иднината на чиста енергија е огромна можност, огромна можност за секоја земја да создаде добро платени работни места и да го поттикне економското закрепнување на поширока основа, рече Бајден на самитот за климата COP26.

Бајден нагласи дека повеќе од 100 светски лидери, кои ги претставуваат земјите со повеќе од 85 отсто од светските шуми, се согласија да стават крај и да прекинат со уништувањето на шумите и деградацијата на земјиштето до 2030 година, што е одличен пример за тоа какви амбиции се потребни во борбата против климатските промени.

– САД се горди што го иницираа и поддржаа ова. Од наша страна ќе продолжиме да ги креваме амбициите и да ја исполнуваме целта, а со тоа да ги намалиме домашните емисии на штетни гасови за 50-52 проценти до 2030 година. Мораме да постигнеме значителен напредок оваа деценија.

На крајот, тој додаде дека не може да се сети два дена во кои е постигнато повеќе во врска со климатските промени од овие два дена на самитот COP26 во Глазгов.