Рејтингот на американскиот претседател Џозеф Бајден на почетокот од август изнесува 40 отсто, покажува анкетата на Ројтерс и Ипсос.

Резултатите од тридневната онлајн анкета, во која Американците одговориле дали го одобруваат или не го одобруваат начинот на кој Бајден ја извршува функцијата, се совпаднаа со резултатите во јули, кои исто така изнесуваа 40 проценти.

Околу 54 отсто од испитаниците изјавиле дека не се задоволни од работата на демократскиот претседател, шест проценти одговориле дека не се сигурни или одбиле да одговорат на прашањето.

Анкетата има маргина на грешка од три процентни поени.

Економијата, невработеноста и работните места и понатаму се приоритет за Американците. Шеесет проценти од Американците, вклучително и секој трет демократ, посочија дека не го одобруваат начинот на кој Бајден се справува со инфлацијата.

Анкетата на Ројтерс/Ипсос е спроведена минатата недела и покажува дека загриженоста за економијата може да го чини Бајден поддршка на изборите во 2024 година.

Еден од пет испитаници кои гласале за Бајден во 2020 година изјавиле дека не се сигурни за кого ќе гласаат овој пат.