Политиката за проширување на Европската Унија е дефинирана уште во 1997 година и при овој процес не прифаќаме отстапување од условите утврдени со Копенхашките критериуми, изјави водечкиот кандидат на групата Левица за претстојните избори за членови на Европскиот парламент, Валтер Бајер во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чиј дел е и МИА.
– Тоа значи, почитување на човековите права, почитување на владеење на правото. Јас би додал и почитување на синдикалните и на работничките права, вели Бајер за ставот на Левица во однос на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.
Тој нагласува дека Партијата на европската левица (ПЕЛ) е во постојан контакт со сите левичарски сили од земјите од Западниот Балкан, кои, според него, може да одиграат конструктивна улога во исполнување на условите утврдени во Копенхашките критериуми.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Бајер најавува и дека Левица нема да го поддржи реизборот на Урсула фон дер Лајен на местото претседателка на Европската комисија, како што не ја поддржа ниту при изборот на оваа функција во 2019 година.
– Би ја исклучил можноста дека таа ќе добие поддршка од групата Левица во Европскиот парламент. Ние ги браниме вредностите и стратегиите што ги наведовме во нашиот Манифест, а јас не гледам дека г-ѓа Фон дер Лајен е вистинската личност за да ги спроведе, истакна Бајер.
Тоа сепак, според него, не значи дека Фон дер Лајен нема да биде реизбрана на функцијата, имајќи предвид дека се очекува нејзината конзервативна Европска народна партија (ЕПП) да биде најбројната група во Европскиот парламент и веројатно ќе се обиде да обезбеди поддршка од другите политички сили за апсолутно мнозинство за нејзин избор.
– Се плашам дека нема да има пречки меѓу конзервативците и екстремната десница за таа да ја обезбеди поддршката од овие партии, вели Бајер, кој доаѓа од редовите на Комунистичката партија на Австрија.
Според него, борбата против екстремната десница претставува „морална и културна обврска“, па затоа не може да има компромиси со омразата, антисемитизмот и антиимигрантската реторика.
– Борбата против екстремната десница бара силна социјална политика, почитување на социјалните интереси на работничката класа и ослободување на младата генерација од стравот од несигурност, наведува Бајер.
Тој смета дека во вакви услови не смее да се дозволи големи дел од граѓаните да стравуваат дали ќе може да ги затоплат становите во зимскиот период и да се заплашуваат луѓето со еколошката трансформација, па затоа таа мора да се спроведува паралелно со намалување на социјалната нееднаквост.
– Стратешка особеност на Партијата на европската левица е во обидот да се префрли конфронтацијата со екстремната десница во сферата на социјалните и економските интереси на работничката класа, додава Бајер.
Тој нагласува дека главни теми на кои ќе се базира изборната кампања на групата Левица ќе бидат социјалните, економските и еколошките интереси на европското население.
– Изработивме изборен манифест чија специфичност е што е напишан од перспектива на работничката класа и младите. Се занимаваме со правото на домување, сигурност на работните места, бесплатен пристап до јавни услуги, образование, здравствена заштита и јавен транспорт, вели Бајер.
Според него, групата ќе предложи усвојување на европска директива за ограничувања на висината на наемнините за станови, за строга и ригидна регулација на платформите за изнајмување станбен простор, како Ер-Би-Ен-Би, кои „ги лишуваат младите од правото на дом“, како и за создавање на европски фонд за инвестирање во домувањето.
Тој посочува и дека не треба да се игнорира фактот оти Европа е континентот кој најбрзо се згрева како последица на глобалното затоплување, па затоа во контекст оваа „еколошка криза“ потребни се социјални реформи базирани на еколошката и енергетската транзиција.
Бајер смета дека Европската народна партија направила „многу лоша работа“ со тоа што ги поттикнала европските земјоделци против заштита на животната средина.
– Земјоделците се тие кои најмногу трпат од еколошката деградација. Видете ги шумските пожари, поплавите. Значи, според нас, не постои противречност, туку комплементарност меѓу интересите на земјоделците и заштитата на животната средина, вели Бајер.
Тој потенцира дека е срамно што земјоделците заработуваат помалку од половина од приходите на просечниот работник во Европа, при што ЕУ потрошила многу средства за Заедничката земјоделска политика, чии резултати се лоши.
– Малите земјоделците се соочуваат со несигурност за нивните приходи. Ако Европската Унија сака да го промени ова, треба да се грижи за интересите на малите земјоделци, а не да зборува за агробизнис. Значи ако сакате мое мислење, мерките што ги презема Европската комисија не се доволни. Ќе ни треба длабока реформа на Заедничката земјоделска политика, смета Бајер.
Според него, Левица себеси се смета и за феминистичка партија, па затоа едно цело поглавје во Изборниот манифест е посветено на правата и рамноправноста на жените, нивната заштита од насилство и слободен пристап до услугите за контрацепција и абортус.
– Една од нашите главни грижи е и прашањето за мирот во Европа. Ние се залагаме за политички решенија за војните кои се во тек. Ние се залагаме за обновена европска безбедносна архитектура, која ќе ја отстрани заканата од војна на европско тло, вклучувајќи го и ризикот од нуклеарна конфронтација меѓу суперсилите, додава Бајер.
Во тој контекст, шпиценкандидатот на Левица, потенцира дека групата целосно ја осудува руската агресија врз Украина, пред се поради жртвите и милионите луѓе кои се соочени со бегство, уништувања и смрт, но и поради тоа што инвазијата претставува апсолутно кршење на меѓународното право.
– За да му се помогне на украинскиот народ треба да се вложат напори и да се направат обиди да се стави крај на војната. Имаме 500.000 смртни случаи. На терен имаме непроменета ситуација на фронтот. Колку долго може ова да продолжи? Би сакал Европската Унија, а особено Европската комисија, да преземат дипломатски напори за почеток на преговори за постигнување прекин на огнот и за повлекување на руските сили. Во овој поглед, јас целосно го поддржувам тоа што го изјави папата Франциск дека сега е време да се стави крај на војната, да се преговара и да се престане да се убива, истакна Бајер.
Запрашан како замислуваат да се постигне тој прекин на огнот и од кои територии во Украина треба да се повлечат руските сили, дали само од оние окупирани по 2022 или и од Крим, Бајер вели дека политиката на Лавица се базира на принципите на меѓународното право и нивно почитување .
– Основата на нашиот предлог ја формираат три елементи – преговори, прекин на огнот и повлекување на руските трупи. Но, очигледно е дека без преговори не може ништо да се постигне. Преговарањето е на прво место. Мора да има почеток, процес на преговори и изнаоѓање политички решенија, додава Бајер.
На прашањето како Левица има намера „да се справи со проблемот на илегалната миграција“, Бајер вели дека ниту едно лице не може да биде илегално.
– Сакаме да видиме политика за азил и миграција, која е целосно усогласена со Декларацијата за човекови права и Женевската конвенција за азил. Тоа значи почитување на човековите права, создавање адекватни процедури и фер договор во рамките на ЕУ за прераспределба на лицата што доаѓаат на европско тло. Верувам дека тоа треба да биде во преден план, а второ, мислам дека Европа има огромна одговорност да ги подобри социјалните услови во земјите од глобалниот југ со тоа што ќе создаде перспектива за живот на луѓето таму, потенцира Бајер.
Според него, неодамна договорениот Пакт за миграција во ЕУ е во спротивност со Декларацијата за човекови права и Женевската конвенција, затоа што, како што вели, всушност го укинува правото на азил.
– Со него се предвидува луѓето кои доаѓаат на нашите граници да можат да бидат притворени еден месец. Претпоставка е дека ќе бидат притворени во еден од оние кампови на границите, што значи дека тие всушност нема да се сметаат за лица кои веќе влегле во европска територија, вели Бајер во интервјуто за ЕНР.
Запрашан, што тој како Австриец мисли за противењето на австриската Влада на проширувањето на Шенген зоната, Бајер вели дека таквата позиција ја смета за срамна.
– Тоа е срамота. Тоа е неправедно, нечесно и неефикасно, нагласува Бајер, додавајќи дека кога се проценуваат политичките партии тоа не треба да се прави според нивните зборови, туку според нивните дела.
Групата Левица ја сочинуваат Партијата на европската левица (ПЕЛ), чии членки меѓу останатите се и германската Левица (ДЛ), шпанската Обединета левица (ИУ) и грчката Сириза, групацијата Сега народот (МЛП), предводена од Бунтовна Франција (ЛФИ) и шпанската Подемос, како и Нордиската зелено лева алјанса (НЛГА) и групата Политика за животните ЕУ (АПЕУ). Во моментов Левица има 37 европратеници, а според последните анкети на јавното мислење се очекува по јунските избори нивниот број да се зголеми на 46.
Фото: ЕНР