Околу половина час траел разговор на креаторот на доменот ваксајнс.мк, Адил Бакиу, во полициска станица Карпош каде денеска бил повикан по пријавата на Министерството за здравство.
–Ви благодарам на сите на поддршката, иако до ова не требаше да дојде, ни на крај памет не очекував. Во ПС само разговаравме како/зошто и толку беше, околу пола саат ме задржаа, иако ми изгледа многу опасно кога вакви сатирични случаи се спроведуваат од органите на власта многу побрзо од оние што се навистина сериозни. И ова не е перцепција, објави попладнево Бакиу преку Фејсбук.
Случајот избувна откако Министерството за здравство пријави постоење на лажна веб-страница ваксајнс.мк која ги доведува во заблуда граѓаните.
-Оваа лажна веб-страница ги доведува во заблуда граѓаните кои сакаат да пополнат апликација со што ќе искажат интерес за вакцинација против Ковид 19, и поради тоа случајот утрово беше пријавен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, изјавија денеска од овој ресор.
Бакиу, како што пренесува Фокус, само сакал на сатиричен начин да го опсервира слабото познавање на англискиот јазик од страна на Заев кој за вакцини го употребуваше зборот „ваксајн“ по што следеше лавина од подбивање меѓу граѓаните на социјалните мрежи со овој најнов гаф на Заев, еден од многубројните кога тој зборува на англиски или на српски јазик.
Тој истакнува дека ни на крај памет не му паѓало дека ќе биде повикан во ПС бидејќи нема направено никаква штета или забуна кај граѓаните, со оглед на тоа што неговата страница со едно кликање ги пренасочувала заинтересираните кон вистинската страница на МЗ каде можете да се пријавите дека сакате да се вакцинирате против САРС КОВ 2.