Во овој момент најверојатно сценарио е дека референдумот ќе помине, така се чини, но не сум жител на ПЈРМ за да знам, вели поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани во интервју за грчкото радио „Њуз247“.
Како што јави МИА од Атина, Бакојани истакна дека „Договорот од Преспа веќе произведува резултати“, а коментирајќи ги последните изјави на Панос Каменос, рече дека „сериозноста и Каменос се два збора кои тешко одат заедно“.
– Каменос не ја искористи единствената шанса што му беше дадена кога Нова демократија достави предлог за гласање недоверба на владата за скопското прашање, кога во парламентот детално беше анализиран резултатот на потписот што ќе го стави Коѕијас за време на процесот во Преспа. Тоа го кажавме јасно и гласно. Реалноста е дека господинот Каменос се скри зад неговата позната реторика, ја одбрани владата и му го даде пенкалото на господинот Коѕијас за да го потпише Договорот од Преспа. А договорот од Преспа веќе произведува правни резултати, не постои сомнеж за тоа, рече Бакојани.