Уверен сум дека лидерите на членките на Европската народна партија (ЕПП) „ќе ја направат вистинската работа“ и ќе ја поддржат Урсула фон дер Лајен за втор мандат на чело на Европската комисија, изјави генералниот секретар на десноцентристичката ЕПП, Танасис Баколас.

– Чувствувам увереност дека 12-те лидери кои седат на масата на Европскиот совет, ќе ја направат вистинската работа и ќе застанат зад вториот мандат на нашата претседателка на Комисијата, истакна Баколас.

Тој при тоа порача дека останува да се види и како ќе решат да се однесуваат другите европски политички групации во однос на можната кандидатура на Фон дер Лајен.

– ЕПП има намери да се погрижи по следните избори за Европскиот парламент во 2024 година да не се повтори сценариото од 2019 година, додаде Баколас.

Во 2019 година, ЕПП мораше да ја повлече кандидатурата на својот тогашен кандидат за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер, откако тој не доби поддршка од останатите големи политички групации, а францускиот претседател Емануел Макрон дури се закани и со вето на изборот на секој кандидат кој нема да има поддршка од либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), на која и припаѓа и неговата партија Ренесанса.

Социјалистите и либералите го сметаат Вебер за премногу конзервативен, па ЕПП се реши место него како компромисно решение да ја предложи Фон дер Лајен, која во тоа време беше германска министерка за одбрана, како поумерена и по блиска до политичкиот центар.

Фон дер Лајен досега одбиваше јавно да се произнесе околу можноста за нејзин втор мандат како претседател на Европската комисија. Нејзиното име се споменува и како можен наследник на Јенс Столтенберг на местото генерален секретар на НАТО, чиј мандат истекува во октомври 2024, исто кога и манадатот на Фон дер Лајен на чело на ЕК.

Фото: МИА Архива