Македонија е на второ место во регионов според златните резерви, Србија е прва, а Хрватска непоседува златни резерви, покажуваат податоците од Светскиот совет за злато.

Според овие податоци, Србија со 38,1 тони златни прачки е водечка земја во регионот според количината на овој благороден метал депониран во трезорите на Народната банка на Србија.

На второ место на Балканот е Македонија со 6,9 тони златни резерви, Словенија со 3,2 тони, Босна и Херцеговина со 3 тони злато и Црна Гора со 1,09 тони, додека Хрватска нема резерви во злато, бидејќи ги има продадено во 2001 година, пренесува Еуроњуз Србија.

Во светот најголеми златни резерви имаат САД, кои официјално поседуваат 8.133 тони злато, а во златни прачки најмногу инвестираат Германија, Франција, Италија и Русија. Кина, Индија и Холандија се исто така на врвот на рангирањето на земји според резервите.

Според економските експерти и банкарските аналитичари, златото е најдобрата и најбезбедната инвестиција, особено во турбулентни времиња во целиот свет поради руско-украинскиот конфликт.

Втора година ниту една банка нема намера да ја намали количината на своето злато, а од друга страна дури 25 отсто од испитаниците велат дека планираат да ги зголемат резервите во злато, наспроти 21 отсто лани.