Објавувањето на документот потпишан од шефот на Делегацијата на ЕУ во Сараево, Јохан Сатлер за наводниот договор меѓу европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји и српскиот член на претседателството на БиХ Милорад Додик за одржување на седница на Народното собрание на Република Српска (НСРС) за префрлање надлежностите од БиХ кон РС предизвикаа различни реакции кај Сараево и Бања Лука.
Додека Сараево бара објаснување од ЕУ и предупредува дека ништо нема да биде исто во БиХ, Бања Лука негира каков било договор меѓу Додик и Вархеји за седницата на НСРС за трансфер на надлежностите.
Портпаролот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и советник на Додик, Радован Ковачевиќ ги негираше медиумските извештаи за наводниот договор на Додик со Вархеји за седницата на НСРС.
Тој посочи дека за време на посетата на Вархеји на БиХ во ноември јасно му било кажано каква е политиката и во кои насоки ќе дејствува РС.
– Целосно е неточна формулацијата дека на каков било начин е договорено со Вархеји, веќе се работеше на тоа дека на комесарот, но и на господинот Сатлер и на сите останати само им се соопшти какви ќе бидат чекорите на РС, што повторувам и претходно сме зборувале за тоа, изјави Ковачевиќ.
Премиерот на РС, Радован Вишковиќ коментирајќи го документот истакна дека Сатлер инсинуира дека имало договор меѓу Вархеји за закажување на Народното собрание на Република Српска за пренос на надлежностите на 10 декември.
– Не знам како само тој слушнал таква приказна, а ние останатите не ја слушнавме. Не знам што би требало да значи тоа, наведе Вишковиќ, додавајќи дека најверојатно се загрижени што Унгарија ја поддржува РС.
Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано ги отфрли тврдењата на некои политичари во БиХ и извештаите на медиумите за наводниот договор меѓу Вархеји и властите на РС за одржување на специјална седница на НСРС за иницирање процес на пренесување на надлежностите од државно ниво на ентитет на РС.
– Ставот на ЕУ во однос на седницата на НСРС, одржана на 10 декември 2021 година, беше јасно изразена во изјавите на комесарот Вархеји за време на неговата посета на БиХ. Како што претходно истакна комесарот Вархеји, уривањето на државните институции ќе ја одведе БиХ надвор од усогласувањето со правото на ЕУ и ќе го стави патот на ЕУ на чекање, истакна Стано.