Македонската Патриотска Организација – организација која дејствува пред се во САД и Канада меѓу македонската и бугарската емиграција од Македонија, пред неколку дена објави Декларација во која доминира повикот да се стави крај на конфликтот меѓу двете страни и за меѓусебно помирување на Македонците.
Оваа порака следува по минатогодишните промени во Деловникот на организацијата, со кои МПО се отвори за лица кои се изјаснуваат како етнички Македонци, и за лица кои се сметаат за македонски Бугари. МПО тогаш повика на инклузивно разбирање на идентитетот на Македонците, наместо досегашното инсистирање само на бугарскиот карактер или пак само на македонскиот карактер на Македонците.
Во својата декларација објавена минатата недела, МПО бара и од Бугарија да го признае македонското малцинство во рамките на своите граници – нешто што за бугарските власти досега било незамисливо. Според Централниот Комитет на МПО, кој ја подготвил Декларацијата, овој гест треба да биде дел од поширокиот компромис меѓу двете држави и двата народи кој би требало да биде заснован на принципот на инклузија, наместо досегашната исклучивост и инсистирање дека еден граѓанин на Македонија или Бугарија може да биде само Македонец или само Бугарин, и кој би требало да стави крај на „студената војна“ меѓу Македонија и Бугарија.
– (Северна) Македонија мора да го прифати фактот дека тие македонски граѓани кои се идентификуваат како македонски Бугари, во минатото и во сегашноста, биле и се Македонци кои се молеле, надевале и честопати бореле за независна Македонија и кои биле неспорно непоколебливи и верни во нивната посветеност на македонската татковина на нивните претци. Бугарија мора да го прифати фактот дека оние бугарски граѓани кои се изјаснуваат како етнички Македонци се лојални граѓани на Бугарија и како и било која друга етничка заедница која живее во државата, и се неспорно посветени на унапредувањето на демократијата и граѓанското општество во нивната татковина Бугарија. Тие треба да ги уживаат сите права и привилегии како и граѓаните кои се изјаснуваат како македонски Бугари, порачуваат од Македонската Патриотска Организација.
Во досегашниот тек на спорот меѓу Македонија и Бугарија, од бугарска страна се инсистираше дека тие имаат поинакво општествено-политичко уредување и затоа не може да стане збор за признавање на македонско малцинство во Бугарија. Македонските власти, пак, бараат од Бугарија да испочитува барем дел од пресудите пред меѓународниот суд во Стразбур со што на македонските организации во Бугарија ќе им се дозволи да се регистраат и нормално да дејствуваат.
Ова е прв пат една организација од типот на МПО да заземе ваква позиција во поглед на македонското малцинство во Бугарија, иако не отстапува од тоа тоа дека историски Македонците биле Бугари. МПО во минатото беше позната, а честопати и сатанизирана, како организација на исселеници од Македонија кои заземаат силно про-бугарски позиции. Контактите и соработката на властите на независна Македонија со Македонската Патриотска Организација беа ретки и секогаш дочекувани на нож во јавноста во Македонија.
Но, тоа што е битно е дека од 2023 година, од МПО почнуваа да доаѓаат позитивни сигнали, и јасно се укажува дека раководството на организацијата, во кое веќе членуваат македонски исселеници од поновите генерации, се згрозени од влошувањето на односите меѓу Македонија и Бугарија и крајно влошената реторика меѓу двете земји.
Впрочем и самата Декларација почнува со следното укажување: „Имајќи предвид дека тензиите меѓу (Северна) Македонија и Бугарија ескалираат со истурање на опасни зборови и постапки на омраза, време е фанатичните заговорници на омразата од двете страни да го скротат своето однесување и да се соочат со новите реалности на нашето време“. Во Декларацијата понатаму еднакво се критикуваат размислувањата и во Скопје и во Софија за исклучиво македонскиот или исклучиво бугарскиот карактер на жителите на регионот Македонија. Организацијата смета дека корените на денешниот конфликт лежат во Студената Војна и во спротиставеноста на комунистичка Југославија и комунистичка Бугарија, поради што е потребно „помирување и другарство меѓу Македонците на Балканот, со што свој пример ќе даде пошироката македонска заедница во Северна Америка“.
Декларацијата, објавена на 11 август, содржи и некои од старите позиции на МПО кои се неприфатливи за Македонија – во неа, на пример, се укажува дека „властите во Скопје ја продолжуваат политиката на негирање и/или фалсификување на вековната бугарска култура и историско наследство во Македонија“, што упатува на позициите според кои Македонците историски гледано се Бугари и за што тешко ќе се дпојде до согласност меѓу Софија и Скопје, но се посочува дека и бугарската политика е „остаток од Студената Војна“ и Софија се критикува за негирање на современиот етнички македонски идентитет и јазик.
Македонската Патриотска Организација упати и честитка по повод Илинден во која се вели дека ВМРО, за чиј наследеник МПО се смета, ја видоизменил свеста на „нашиот народ“, од Бугари од Македонија во Македонци со бугарски етницитет, односно зборот Македонци го сменил од географски израз во националност, и тоа долго пред било кој дел од Македонија да стане независен. Во илинденската честитка дополнително се упатува повик за „обединување на сите Македоци, независно како тие етнички се изјаснуваат“.
По измените на деловникот на МПО, кое се изврши на годишната конвенција во Колумбус во 2023 година, организацијата зазема став дека, иако постојат различни толкувања на историските и јазичните корени, „ние сме еден народ со заедничка македонска самосвест“. Организацијата се декларираше како дом за сите Македонци – независно од нивното етничка изразување, вклучително и за тие кои се изјаснуваат како македонски Бугари и како етнички Македонци.