Забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард и ограничување на увозот на нови со минимален „ЕУРО 6“ стандард, побараа претставници на О2 иницијативата на денешната прес-конференција пред Владата. Како што појаснија, денеска ќе биде испратено и официјално барање, поддржано од повеќе граѓански организации, до премиерот Христијан Мицкоски и Владата.
– Во насока на намалување на високото и живото-загрозувачко аерозагадување во земјава, причина за серија на болести и смртност кај населението, особено со оглед на најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година, бараме да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6“ стандард. Одлуката да стапи на сила на 1.1.2025 година, пишува во барањето.
Се истакнува дека возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соедниненија, што постарите возила ги емитираат во поголема мера.
– Овие возила, особено со помината поголема километража, покрај зголемената емисија на ПМ честички, што ги активираат проинфламаторните и канцерогени патишта во организмот и другите штетни емисии на гасови, имаат зголемени емисии на многу токсичните јаглеводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените, бензо-а- пиренот. Ова се генотоксични, канцерогени и мутагени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата, се нагласува во барањето до премиерот и Владата.
Граѓаните кои пешачат или возат велосипед покрај сообраќајниците, се додава, кои чекаат на пешачките премини, се најизложени на овие токсични супстанции.
– Особено изложени се децата, бидејќи овие емисии се испуштаат во висина на нивните лица и тие најдиректно ги вдишуваат. Заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде пред сѐ. Во регионов, вакви услови имаат воведено Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, се додава во барањето на О2 иницијативата.
Како што претходно беше појаснето, барањето е во насока на намалување на високото и живото-загрозувачко аерозагадување во земјава, причина за серија на болести и смртност кај населението.
– Овој аспект се актуелизира со најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година, беше нагласено.
Татјана Чакулев во изјава за медиумите рече дека барањето ќе биде доставено денеска, а поддржано било од 10 граѓански здруженија и иницијативи.
Ели Пешева подвлече дека ова не значи оти тие не мислат за доброто на граѓаните и дека ги скратуваат од единствениот начин на транспорт во овој град.
– Исто така, бараме од надлежните, особено од Владата, иако знаеме дека не е сѐ под ингеренција на Владата, туку има поделени ингеренции и со општините и со останатите институции, мора да се најде начин како да се регулира јавниот превоз, потенцираше Пешева, додавајќи дека околните држави функционираат на база на јавен транспорт што не загадува, електрични автобуси.
Таа нагласи дека не ги двојат ниту такси – превозниците, никој да не биде привилигиран на тема – загадување.
Пешева рече дека ова е само еден дел од проблемот.
– Апсолутно сметаме дека и надлежното министерство и Владата генерално и општините, мора да фатат точка по точка да ги решаваат сите овие горливи прашања. Ние неколкупати досега и како О2 иницијатива, но и во коалиција со останатите граѓански здруженија што работат на оваа проблематика, сме доставувале и барања и сме нуделе решенија. Така што, нема оправдување дека не знаат од каде да почнат или дека се нема начин од каде да се почне, додаде Пешева во изјава за медиумите.
Татјана Стојановска нагласи дека мора да имаме контрола на тоа што се увезува.
– Ние апсолутно почитуваме дека Владата со оваа мерка сака да обезбеди економски придобивки за граѓаните, со тоа што ќе овозможи увоз на поевтини возила. Но, мора да имаме контрола на тоа што се увезува, бидејќи аерозагадувањето кај нас е многу голем проблем и функционира во сите сегменти. Ова е еден од сегментите што директно влијае на аерозагадувањето, рече Стојановска.
Фото: Архива