Науката, а не винарските визби да одлучуваат околу шеќерните единици според кои ќе се откупува и плаќа грозјето, изјави денеска претседателот на Здружението „Напредни лозари”, Трајче Кулев.
Лозарите, истакна Кулев, се револтирани зашто винарските визби сами ги одредуваат шеќерните единици.
-Според нас, тоа треба да го прави Факултетот за земјоделски науки и храна. Ќе го бараме тоа, науката да одлучува околу технолошката зрелост на грозјето. Не тоа да го прави секоја винарија посебно, а ние лозарите да губиме со катастрофалните цени по килограм грозје. За 18 малигани добивавме 13 денари, а сега истата сума ја добиваме за 21 малиган, рече Кулев.
Тоа, оцени, мора да прекине зашто со вакви цени производителите не можат да опстанат.
-Институциите во кои верувам, да застанат зад лозарите и да се стави крај на самоволието на винариите. Да не се откупува грозје на диво, туку претходно да се склучуваат договори. За доброто на лозарите. Оти ова вака повеќе не оди. Здружението нема врска со политика, партии, така и ќе функционира. Децата дома бараат пари, не ги интересира политика, рече Кулев.
Потпретседателот на здружението, Зоран Пешков додаде дека е неопходно да се формира заштитна производствена цена за грозјето, исплатата да биде побрза и стопроцентно повисоки да бидат субвенциите за регистрирани земјоделци.