Репрезентативецот Енис Барди доби позитивен тест на Ковид-19 и се наоѓа во изолација во тимската база на македонската фудбалска репрезентација. Тој е без симптоми и во добра здравствена состојба, објави попладнево ФФМ.

Фудбалерот на шпански Леванте при доаѓање на собирот на А репрезентацијата ги почитуваше мерките и здравствените протоколи за заштита од Ковид-19, како и сите останати фудбалери и членови на репрезентацијата и немаше контакт со тимските колеги и лицата од стручниот штаб.

– Енис Барди е без симптоми и се чувствува добро. Ние како лекарски тим постојано ја следиме неговата здравствена состојба. Пред извесно време имал контакт со дел од играчите на Леванте кои исто така имаат позитивен тест на Ковид-19. Важно е да се напомене дека пред почетокот на собирот на репрезентацијата беа почитувани и запазени сите протоколи согласно УЕФА здравствените регулативи се со цел да се избегне контакт со останатите фудбалери и членови на репрезентацијата. Останува да се следи состојбата и да веруваме дека ќе помине без промена на клиничката слика, изјави Александар Савески, дел од лекарскиот тим во А македонската репрезентација.

Претходно на 1 јуни и на 4 јуни, македонскиот национален тим ќе одигра пријателски натпревари со словенечката репрезентација и со Казахстан.

На адресата на фудбалерот на Леванте стигнаа бројни пораки со поддршка, а во јавноста преку својот „Инстаграм“ профил се огласи и селекторот, Игор Ангеловски.

Мрме му порача на Барди дека не тргнуваат без него во Букурешт.