Владата во Лондон работи на усогласување на барањата што ќе бидат упатени до Европската унија, со цел да се отстрани загриженоста на пратениците поради планот за отворена граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска, изјави денеска британскиот министер за Брегзит, Стивен Баркли.
– ЕУ не сака да биде во ситуација да нема договор. Тоа би било голем удар не само за ирската економија, туку и за другите економии. Затоа договорот е во интерес на двете страни, истакна Баркли за Би-Би-Си.
Тој нагласи дека Договорот за Брегзит, што лани во ноември го постигнаа Владата на британската премиерка Тереза Меј и Брисел, а кој Парламентот во Лондон го отфли минатата недела, е „најпопуларен од достапните избори“.
– Всушност, најпопуларна опција е договорот на премиерката, додаде Баркли.
Меј синоќа пред британските пратеници го претстави својот „план Б“ за Брегзит во обид да издејствува усвојување на Договорот за излез на Велика Британија од ЕУ во Парламентот.
Со планот се предвидува Лондон да издејствува промена на ставот на Унијата за границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска.
Меј истакна дека оваа недела ќе разговара со пратениците за да утврди „како може да ги исполни обврските кон жителите на Северна Ирска и Република Ирска на начин што може да добие најголема можна поддршка во Долниот дом на Парламентот“.
– А потоа заклучоците од тие разговори ќе ги пренесам на Европската унија, додаде Меј.