Портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас денеска истакна дека амнестијата за корумпираните политичарибво Романија би бил „чекор назад“ за земјата.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, ова е прва официјална реакција на Европската комисија откако романскиот министер за правда вчера најави дека се разгледува можноста за итно усвојување на закон што ќе овозможи да се поднесат вонредни апелациски мерки за кривични дела.

– Сакам да потсетам дека претседателот (на ЕК, Жан-Клод) Јункер беше кристално јасен околу можната амнестија за време на неговата посета на Букурешт, рече Схинас.

На 11 јануари, Јункер изјави дека амнестијата би бил чекор назад во владеењето на правото во Романија.

– Суштински е за Романија да се врати на патот на борбата против корупцијата, независноста на судството и да избегне секакво назадување, додаде портпаролот на Еврокомисијата.

На новинарско прашање дали евентуалната амнестија ќе се одрази врз претседавањето на Романија со ЕУ, Схнас одлучно одоговори: “не“.

Мерките кои ги предлага романската Влада би биле во полза на неколку десетици политичари и бизнисмени во Романија, пред сѐ блиски до владејачката Социјалдемократска партија (ПСД), сметаат критичарите. Од ваквата одлука корист би имал и претседателот на (ПСД), Ливиу Драгнеа, кому му беше забрането да ја преземе премиерската функција поради пресудите за корупција.