Во своето прво обраќање по поразот на неделните парламентарни избори во Албанија, лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша рече дека изборите на 25 април биле изборен масакр, обвинувајќи го Еди Рама, за употреба на валкани пари за кампањата.
Баша од пред седиштето на партијата порача дека се „поодлучни од кога и да е да ја продолжат битката“.
-Станавме посилни. Ние сме поодлучни од кога било. Секој што мисли дека ќе се предадеме –не нè познава добро. Ќе ја продолжиме битката со сите сили. Ние ќе продолжиме да се бориме со сè што имаме за демократијата. Ќе продолжиме да се бориме до победа, бидејќи нашата мисија е поголема од сите нас, рече Баша.
Тој обвини дека изборите немале никаква поврзаност со демократијата, дека верувал во победа со која ќе ја врател демократијата во Албанја, но оти нивната битка не била доволна.
– Овие избори немаа никаква врска со демократијата. Во оваа битка влеговме не со политички противник, туку со режим кој стори сé за да ја уништи фер изборната трка. Тие ги сменија уставот и изборниот законик со кршење на сите правила. Десетици илјади неважечки гласови, најголем број досега и двојно повеќе отколку разликата помеѓу двете партии. Милиони евра фрлени за да се реализира најголемото купување на гласови што предизвикува најголемо нарушување на волјата на гласачкото тело. Користеа милиони од корупциските концесии, крадеа лични податоци на албански граѓани, користеа криминалци и банди, им се закануваа и уценуваа на гласачите, администрацијата, новинарите и медиумите, правејќи го изборниот масакр уште поголем, обвини Баша.
Обвинувањата ги дополни со тоа дека Рама соработувал и продолжува отворено да соработува со претставници на криминалот.
-Еди Рама соработуваше и продолжува да соработува отворено со претставници на криминал како што е Том Доши, против кого е целиот демократски свет. Тој повторно ги кандидраше претставниците на криминалот на неговите изборни листи. И покрај сето ова – ние донесовме големо достигнување за демократијата во Албанија, рече Баша.
Том Доши, кого го споменува Баша е лидер на Социјалдемократската партија, која, на изборите обезеди три пратенички мандати или два повеќе од минататите избори.Тој уште во неделата се откажа од пратеничкиот мандат и и понуди на СП соработка во формирањето на новата влада.
Тој е на „црната листа“ на САД поради што американската амбасадорка Јури Ким бараше да не се прифати неговата кандидатура за пратеник од страна на ЦИК. Таа во повеќе наврати апелираше во кандидатските листи да бидат само лица со интегритет.