Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, ги обвини албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ дека целосно се вклучени во планот за размена на територии меѓу Србија и Косово.
Според Баша, Рама и Вучиќ се спонзори на овој план, кој ќе го дестабилизира регионот.
– Еди Рама е целосно вклучен во застрашувачкиот план за размена на територии меѓу Косово и Србија. Заедно со српскиот претседател Вучиќ, Рама го искористи лобирањето за унапредување на овој проект, кој ќе го дестабилизира балканскиот регион. Сепак, меѓународните претставници му кажаа „не“ за оваа идеја и ние треба да гледаме напред, изјави Баша, гостувајќи во емисијата „Опен“ на тиранската телевизија Топ чанел.
Албанскиот премиер Еди Рама пред неколку дена коментирајќи ја идејата за „коренција на границите“ меѓу Косово и Србија, рече дека тоа е историска шанса што доаѓа еднаш на 30 години, иако, како што додаде, нема некоја финална идеја за ова прашање.
Рама не се изјасни директно за или против менувањето на границите, кое го предложија претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, но сепак тоа беше негова прва официјална изјава во врска со оваа идеја.
Претходно, албанскиот претседател Илир Мета, како и лидерите на другите опозициски партии, изнесувајќи го ставот против ваквата идеја, оценија дека таа е многу опасна по мирот и стабилноста на регионот.