Мандатарот за состав на новата влада на Либан, Наџиб Микати изјави дека преговорите за нејзино формирање напредуваат, но бавно.
– Денеска постигнавме напредок, иако тоа е бавен напредок, ние сме решени да формираме влада, рече Микати по средбата со либанскиот претседател Мишел Аун, што ја опиша како „позитивен чекор напред“.Тој, сепак, одби да одреди рок за формирање влада во време кога Либан се соочува со најлошата политичка, социјална и економска криза во својата историја.
Во текот на вчерашниот ден имаше судири меѓу демонстрантите и полицијата на првата годишнина од катастрофалната експлозија во пристаништето во Бејрут.
Неколку дена по експлозијата, во која загинаа 214 луѓе и која уништи и оштети цели населби на главниот град на Либан на 4 август 2020 година, владата на Хасан Диаб поднесе оставка.Оттогаш, длабоко поделената политичка класа не успеа да формира нова влада која треба да ги спроведе неопходните реформи.
Меѓународната заедница со тоа ја условува финансиската помош за Либан.Микати, поранешниот премиер и најбогатиот човек во земјата, беше назначен за премиер на 26 јули, бидејќи двајца негови претходници не успеаја.Илјадници Либанци вчера дојдоа на пристаништето во Бејрут за да ја одбележат првата годишнина од катастрофалната експлозија.