Русија секогаш безусловно ја признава самостојноста и автентичноста на македонскиот јазик историја, култура и идентитет, изјави денеска рускиот амбасадор Сергеј Баздникин при неговата посета на Куманово.

Баздникин во изјавата за медиумите посочи дека Русија и натаму останува посветен пријател на Македонија.

– Ние сме подготвени за конструктивна, взаемна, корисна, соработка до тој степен и во оние области за кои се спремни двете страни. Нашата интеракција треба да се развива на деполитизиран начин, врз принципите на еднаквоста, взаемна доверба и почитување, прагматизмот и водење сметка за меѓусебните интереси. Длабоката взаемна поврзаност на нашите народи не зависи од политичките прилики. Руската страна секогаш безусловно ја признава самостојноста и автентичноста на македонскиот јазик историја, култура и идентитет, изјави Баздникин.

Рускиот амбасадор нагласи дека македонскиот и рускиот народ споделуваат заедничките вредности како што се традициите на антифашистичката борба и кажа дека му е драго што секоја година по повод денот на ослободување на Куманово полага цвеќе на Спомен костурницата и им оддава почит на паднатите македонски херои.