Жителите на главниот град кои летово нема да заминат на одмор ќе можат да се разладуваат во Олимпискиот базен „Центар“, Аквапаркот, базенот во СЦ „Борис Трајковски“, Воениот базен во Аеродром и базенот „Расадник“.

Надлежните од базените велат дека водата е најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и оти има интерес од посетителите. Во ниеден од базените не е дозволено внесување храна, вода, пијалаци, затоа граѓаните треба со себе да си понесат дополнително повеќе пари. Во некои базени задолжитечно е носење капа за пливање.

Олимписки базен „Центар“

Раководителот на Олимпискиот базен „Центар“, Мартин Маневски, за МИА изјави дека овој базен е со најдолго искуство во пливачките спортови во нашата држава.

– Базенот работи преку целата година со константна температура на водата согласно правилниците на Светската пливачка федерација и Европската пливачка федерација за да овозможиме најдобри услови за нашите посетители. Работното време преку целата година е секој ден освен понеделник. Во летниот период работиме од 7:00 до 17:00 за рекреација (утринска и дневна), од 17:00 до 20:30 со школи за пливање и пливачки клубови и од 20:30 до 23:00 рекреација – ноќно капење, изјави Маневски.

За време на дневната рекреација, која е популарна опција за граѓаните да се разладат во овие жешки скопски денови, работи и терасата, каде што имаме бесплатни лежалки и чадори за посетителите, а работи и шанкот со ладни пијалаци, сокови и храна.