Бедри Ајдари, брат на еден од обвинетите во случајот „Монструм“ во вчерашното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека остварил куса средба со претседателот Стево Пендаровски
Пред Собранието се сретнавме со претседателот Пендаровски и го прашавме што се случи зошто Заев не ги објави „бомбите“, ќе го цитирам: „Бев присутен кога дојдоа овие од горе, мислеше на Американците и му рекле дали ти сакаш да предизвикаш војна, кога народот ќе дознае кои се убијците и кој се виновниците и тогаш двете страни и Македонците и Албанците ќе одат пред Влада. Ќе одат пред влада каде што ќе бидат пречекани од гардата, полиција, специјалци каде што ќе се случи големо крвопролевање, затоа што ќе одат да го фатат Груевски за врат, зошто се случило ова, зошто се случило она, зошто се обвинуваат Албанци. Тука ќе имаше масовна пресметка. Ова можам да му го кажам во очи на Пендаровски каде сака, тука, во Америка и каде сака. Ова се случило за време на Шарената револуција, за ова има и други сведоци. Кога сака може да се соочиме и каде сака, истакна Бедри Ајдари во емисијата Клик Плус на ТВ21.
Од Кабинетот на Пендаровски денеска ја демантираа ваквата изјава.
-Пендаровски ја разбира болката на семејствата кои ги изгубија своите деца и најблиски во убиството кај Смилковско езеро, како и желбата на семејствата на обвинетите да се открие вистината за целиот тој настан. Претседателот Пендаровски секогаш се залагал и за овој и за сите други кривично-правни настани вистинските извршители да ја добијат заслужената казна и никој невин да не лежи во затвор, ако за тоа нема докази утврдени во судска постапка. Меѓутоа, претседателот Пендаровски, во врска со случајот „Монструм“, никогаш немал средба со семејствата на обвинетите, ниту пак има какви било информации и сознанија во врска со убиствата, добиени од домашни институции или од странски извори, ниту во периодот пред да биде избран за претседател ниту потоа, велат од Кабинетот.