Во текот на ноќта и во раните утрински часови, мирна е ситуацијата на грчко-турската граница, по вчерашните инциденти, што со прекини траеја речиси цел ден, јави дописничката на МИА од Атина.
Според медиумите во Грција, освен со солзавец и разни предмети, од турска страна, во петокот имало обид и со оклопно возило да се пробие оградата поставена од грчка страна. За конкретниот случај, објавено е и видео.
За оцена на ситуацијата на Еврос и на островите, премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, вчера одржа состанок на кој присуствуваа министрите за цивилна заштита, за одбрана, поморство и заменици, началникот на Генералштабот на грчката армија, началникот на крајбрежната служба.
– За време на состанокот, беше констатирана успешната акција за спречување од грчката полиција, војската и крајбрежната служба против обидите за организиран илегален влез во земјата и се разговараше за дополнителниот план за чување на границите, соопштија од кабинетот на Мицотакис.