Државниот секретар за азил на Белгија, Тео Франкен, кој е член на Нова фламанска алијанса (НВА), побара бегалците и мигрантите кои престојуваат во паркот Максимилијан во Брисел да бидат вратени дома. Таму во моментов престојуваат околу 600 мигранти.
Од почетокот на миграциската криза во ЕУ, барателите на азил и мигрантите кои поминуваат низ Белгија, преку која најчесто само транзитираат со надеж да стигнат до Велика Британија, се собираат во центарот на Брисел во паркот Максимилијан. Повеќето од нив не поднесуваат барања за азил во Белгија, туку чекаат погоден момент да отпатуваат во Велика Британија.
Франкен во телевизиско интервју оцени дека постои само едно решение за проблемот со мигрантите.
– Ќе ги затвориме и ќе ги вратиме во земјите од каде потекнуваат, колку и да е тешко, рече тој.
Оваа изјава предизвика бурни реакции во белгиската јавноста, но и кај опозицијата од чии редови доаѓа и градоначалникот на Брисел.
Од почетокот на мигрантската криза во Белгија мобилизирани се граѓаните и невладините организации, кои речиси секоја вечер се организираат за да им понудат сместување на барателите на азил, кои престојуваат во паркот.
Франкен го нападна градоначалникот на Брисел обвинувајќи го дека им се „умилкува на невладините организации со единствена цел да покаже дека Владата не се снаоѓа и дека само таа е виновна“.
– Невладините организации изградија вистинска мрежа, добивате бесплатна храна, бесплатна супа, бесплатна медицинска помош и место за спиење, вели Франкен напаѓајќи ги и невладините организации, кои им помагаат на бегалците.
Според Франкен, сите барателите на азил во паркот во Брисел се економски мигранти и повикува ЕУ да го усвои австралискиот модел. Франкен е уверен дека овој модел ќе пристигне во Европа.
Невладините организации сметаат дека во моментов во паркот Максимилијан престојуваат околу 600 мигранти. Статистичките податоци покажуваат дека еден од десет мигранти регистрирани во невладините организации престојуваат во Белгија подолго од една година.
Изјавите на државниот секретар доаѓаат во момент на политичката криза во ЕУ околу миграцијата.