Нема место за паника. Сите супермаректи и дистрибутери имат доволно залихи, посебно на основните производи. Ни останува да бидеме свесни и да се грижиме за здравјето на граѓаните, но и на вработените во маркетите, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши по денешниот работен состанок со сопствениците на најголемите супермаркети.
-Има гужви во маркетите. Ги повикувам граѓаните разумно да купуват, а маркетите да направат планови за да им излезат во претрес на потрошувачите, истакна Бектеши.
На состанокот во Министерството за економија беа и дистрибутерите на храна, како и директорот на Пазарниот инспекторат.
Владата на синоќешната седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури. Оваа Одлука, како што соопшти, влегува со сила наредниот ден од денот на објавување во „Службен весник“, а е усвоена за да не се злоупотреби моментната состојба на пазарот, како и за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка поради ситуацијата со коронавирусот.