Зајакнување на трговските односи меѓу двете земји, отворање нови можности и перспективи за зголемување на трговската соработка, како и заедничкото претседавање на Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес во насока на зголемување на регионалната соработка и евроинтеграциите, беа темите на разговор меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и неговиот бугарски колега Емил Караниколов денеска во Софија.
Двајцата министри, како што соопшти кабинетот на Бектеши, договориле до крајот на годината да биде одржан бизнис форум во Скопје.
– Бугарија е еден од најважните трговски партнери на РС Македонија. Ние како две соседни земји имаме одлична трговска соработка која е во континуиран пораст и има простор во иднина дополнително да се зголеми. Со одржување на еден заеднички бизнис форум во Скопје на кој ќе присуствуваат компании од двете држави ќе се отвори простор за нови соработки на бизнисот и отварање на нови пазари, истакна министерот Бектеши.
Во рамки на Берлинскиот процес на кој следната година заедно ќе преседаваат Македонија и Бугарија, министерот Бектеши му предложил на министерот Караниколов да се формираат технички групи од различни сектори и дел од настаните за промоција на регионалната соработка да се одржат во Македонија.
Министерот Караниколов истакнал дека нивната главна цел како Министерство за економија е да се зголеми економската соработка со Македонија на сите полиња.
Тој истакнал дека како земја членка на Европската Унија, Бугарија е отворена да ги сподели со Македонија своите искуства во процесот за преговарање и на техничко и на институционално ниво.
На состанокот било посочено во иднина да се договори соработка во делот на промоцијата на инвестициските можности на двете земји на трети пазари за привлекување на странски инвеститори.
Бугарија се наоѓа на шесто место на листата на земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена.