Во Владата ќе разговараме за тужбата од Хеленик Петролеум, ќе избереме адвокатска куќа којашто ќе не претставува и нема да седиме со скрстени раце, туку ќе ги употребиме сите аргументи што ќе бидат во полза на државата за да ја добиеме арбитражата, но истовремено ќе се обидеме да преговарама за да најдеме заеднички интерес за државата, граѓаните и компанијата, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Веќе е формиран тим за преговори со Хеленик Петролеум, но не би сакал да навлезам во детали имајќи во предвид дека најавија тужба. Треба да се има во предвид дека договорот веќе е истечен, но ние уште пред да истече го формиравме тимот за преговори. Зборуваме за договор кој бил потпишан во 1999 година и во моментов нема друг договор за соработка. Сепак, навремено ќе ја информираме јавноста за сите случувања, изјави Бектеши во одговор на новинарско прашање во ТИРЗ Скопје 1.

Како држава, додаде, ние имаме свои аргументи, но има и компанијата поради што не сакам да навлегувам во детали.

-Нашите аргументи ќе ги презентираме ако почне рочиштето. Досега имавме неколку состаноци со компанијата. Генерално преговорите ги водиме јас и вицепремиерот Кочо Анѓушев, но вклучени се и експерти. Ќе ја продолжиме постапката за преговарање и навреме ќе известиме за се, рече Бектеши.

Прашан дали во преговорите е споменат нафтоводот, прецизира дека Хеленик Петролеум веќе неколку пати го покренал тоа прашање и додаде дека не сака да соопштува детали.

– Се е отворено, сите можности се отворени, имајќи во предвид дека преговараме. Претходниот договор е истечен, не е во сила што значи  дека од почеток треба да почнеме со преговорите. Ги земаме во предвид сите можни случувања што би произлегле од можен договор со Хеленик Петролеум и со конкретна анализа ќе излеземе во моментот кога ние ќе и предложиме на Владата на кој начин да го склучи новиот договор со Хеленик Петролеум,потенцира Бектеши.

Хеленик Петролеум поднесе тужба до Арбитражниот суд во Париз со која бара отштета од 31 милион евра од државата за неспроведување на Договорот за купопродажба на ОКТА според кој земјава беше обврзана годишно да откупува по 500.000 тони мазут од грчката компанија. Според компанијата, договорот не бил почитуван во последните десет години од важноста на спогодбата.

Земјава веќе еднаш и плати отштета на грчката компанија од повеќе од 40 милиони евра за нецелосно спроведување на одредбите од Договорот за купопродажба на ОКТА.