Ќе направиме се што е во наша надлежност да нема драстично зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, а ќе има намалување за малите потрошувачи – за микро и малите компании, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Намалување на цената за малите потрошувачи ќе има заради тоа што веќе се стабилизираат цените за електрична енергија и за природен гас на светските берзи. Тоа дозволува ние да можеме да интервенираме за да бидат поконкурентни нашите микро и мали компании не само на нашиот пазар, туку и во регионот и пошироко, рече Бектеши во одговор на прашање пред почетокот на одбележувањето на  јубилејот „90 години Занаетчиска комора Скопје“.

Нагласи дека е сигурно оти ќе има намалување на цената на електричната енергија за малите потрошувачи на регулираниот пазар.

-Веќе се обезбедени средства за тоа, а вчера помина и акцискиот план со поддршка на Европската Унија. Очекуваме кон средината на јануари да ги добиеме и средствата од ЕУ со кои ќе можеме директно да ги помогнеме микро и малите компании. Во делот на домаќинствата, граѓаните кои трошат помалку ќе плаќаат помалку, а оние кои трошат непотребно и имаат простор да трошат, ќе плаќаат повеќе и такви ќе бидат и цените, прецизира Бектеши.

Носењето на конечната одлука за цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари, како што кажа, е работа на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) која веќе ги прави пресметките.

-Не сакам да кажам дека не ги знам податоците, но не би сакал пред РКЕ да излезам со конечните податоци. Секако дека ги знаеме и јас и премиерот и други членови на Владата, појасни Бектеши.