Мала економија како Република Македонија не може да има избори секоја година, но тоа е политичка одлука, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Нашите законски одредби кажуваат дека некои проекти во текот на кампањата, но и од денот кога се распишуваат изборите не можат да се спроведат. Имајќи во предвид дека во 2018 година имавме референдум, во 2017. локални избори сега ги подготвивме сите проекти за да можат да се реализираат со предвидената динамика и тие не треба да стојат, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Министерството за економија.
Тој нагласи дека распишувањето на предвремени избори е политичка одлука и додаде дека се подготвени доколку коалициските партнери се одлучат да се спроведат избори.
Воведувањето на таксата за српските производи во Косово оцени дека ќе значи краткорочна добивка за македонските стопанственици.
-Од таксата што е воведена од Косово за Србија краткорочно ќе добијат нашите стопанственици, но ние не се повикуваме на тоа. Како институции и влада создаваме нови мерки што се целосно усогласени со потребите и барањата на бизнис заедница во Република Македонија и сакаме долгорочно да ги развиеме нашите компании за да бидат поконкурентни не само на регионалните пазари, туку и на европските и на глобалните, потенцира Бектеши.