Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од десет насто. Тоа денеска го истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, по средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац.
Бектеши истакна дека ситуацијата со цените на производите се следи, така што доколку биде забележана злупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки.
– Согласно последните податоци, инфлацијата оваа година ќе биде под проектираното ниво. Во делот на различни мерки, ние на дневна база правиме анализи и секогаш може да се усвојат, тоа ќе го правиме секако во соработка со стопанските комори, рече Бектеши.
Во делот на енергетиката тој појасни дека со министерот за финансии и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и другите членови од Енергетскиот совет во рамки на Владата наредниот месец ќе разговараат за новиот модел за пресметување на цената на електричната енергија, но, им порача на граѓаните дека независно каков ќе биде утврдениот модел, поскапување на електричната енергија нема да има.
– Можам уште од денеска да им соопштам на граѓаните дека нема да плаќаат поскапа струја од 1 јули до крајот на годината, рече Бектеши.
Инаку, двајцата министри претходно денеска потпишаа билатерални договори меѓу Владите на двете земји – за економска соработка и соработка во областа на туризмот.