Белата куќа времено му ја укинува акредитацијата на дописникот на телевизиската мрежа Си-Ен-Ен, Џим Акоста.
Одлуката за одземање на акредитацијата на Акоста уследи по неговиот вчерашен инцидент со американскиот претседател Доналд Трамп за време на прес-конференцијата во Белата куќа посветена на изборите во САД.
Спорот почна кога Акоста му постави прашање на Трамп околу т.н. карван со мигранти од ЈужнаАмерика кои се движат кон САД и кога новинарот се обиде да постави потпрашање, американскиот претседател само рече „Дволно е„!“, при што службеничка во Белата куќа се обиде да му го одземе микрофонот на дописникот на Си-Ен-Ен. Нејзиниот обид меѓутоа беше безуспешен, по што Акоста продолжи со прашањата.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс по инцидентот го обвини Акоста за „неприфатливо однесување“ кон службеничката во Белата куќа, која се обиде да му го одземе микрофонот.
Акоста, кој и во минатото влегувал во спорови со Трамп, на Твитер објави дека „му е забранет пристап до Белата куќа“.
Си-Ен-Ен му изрази поддршка на својот новинар, а Асоцијацијата на дописниците во Белата куќа одлуката за одземање на акредитацијата ја оцени како „лош и погрешен чекор“.
– Одземањето на дозволата за пристап до комплексот на Белата куќа е реакција, која е несоодветна со прекршокот за кој се тврди дека е направен и е неприфатлива. Ја повикуваме Белата куќа под итно да го преиспита овој лош и погрешен чекор, се наведува во реакцијата на Асоцијацијата.