Две години по прогласувањето вонредна состојба и влез во карантин, Белгија ги укинува речиси сите епидемиолошки мерки, вклучувајќи ги и обврските за носење маска и ковид пропусница, јавија тамошните медиуми.
Во Белгија од денеска престанува да важи обврската да се носи маска на јавни места, вклучително и во продавници и во училишта, со исклучок во здравствени установи и во јавен транспорт.
Белгиските власти нагласија дека маската, иако обврската за носење е укината, сепак, се препорачува за места каде не може да се држи безбедна дистанца.
Денеска престанува и употребата на ковид пропусници, како доказ за вакцинација, или негативен тест, што беа неопходни за влез во сите угостителски и спортски објекти, како и во институции од областа на културата.
Нема повеќе и ограничено време за работа на угостителските објекти. Повторно се дозволени максимални капацитети на театри, кина, концертни сали.
Белгија попушта и во рестрикциите за патувања, па од 11 март, во земјата ќе може да се влезе без задолжителен формулар за патување, со целосна вакцинација.
Формуларот останува задолжителен за сите лица кои во Белгија доаѓаат од трети земји, што не се на листата на ЕУ како епидемиолошки безбедни. Забраната за влез во земјата останува на сила за несуштинско патување на државјани од трети земји, кои немаат потврда за вакцинација, или за закрепнување од Ковид. Таа важи и за патниците од високо ризични земји, каде има појава на новата варијанта на вирусот.
Укинувањето на епидемиолошките мерки во Белгија доаѓа по значајното подобрување на епидемиолошката состојба во земјата.
На почетокот од март, бројот на новозаразени падна под 6.000 лица на дневно ниво. На болничко лекување од последици на инфекција со коронавирус се помалку од 2.000 лица.
Смртноста се намали од 37 отсто на 20, со што вкупниот број починати од почетокот на пандемијата во Белгија надмина 30.000 луѓе.
И во Словенија од денеска децата и вработените во училиштата нема да носат маски. Ова се должи на тоа што и во оваа земја епидемиолошката состојба веќе одредено време се подобрува.
Како што наведуваат медиумите, најновата мерка, одобрена од Владата минатата недела, се однесува на градинки, основни и средни училишта, како и на универзитети.
Во сите останати затворени, јавни простори, маски мора да се носат.
Словенија од 21 февруари почна постепено да ги укинува воведените мерки против корона вирусот, вклучувајќи го и задолжителното самотестирање во училиштата и ковид пропусниците.
Ковид пропусници и понатаму се потребни за во здравствени установи, старечки домови и во затвори.